Достапни линкови

Нерегуларностите на Регулаторната комисија за енергетика


Воислав Стојановски, граѓански активист, член на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Воислав Стојановски, граѓански активист, член на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Укинувањето на дневната евтина тарифа за електрична енергија настанало преку два прописа кои се донесени врз основа на непостоечки одредби од Законот за енергетика, пишува Воислав Стојановски, граѓански активист и член на Хелсиншкиот комитет за човекови права во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Покачувањето на цената на енергијата и особено на електричната мора да биде во корелација со цените на останатите енергенти како и со порастот на животниот стандард во Македонија – се вели во Стратегијата за развој во енергетиката до 2030 година, донесена од Владата на РМ. Наспроти опаѓањето на животниот стандард, Регулаторната комисија за енергетика ја зголеми цената на електричната и топлинската енергија, ја укина дневната евтина тарифа за електрична енергија и наметна нови давачки за граѓаните кои и воопшто не користат топлинска енергија.
При анализата на прописите донесени од страна на Регулаторната комисија, дојдовме до заклучок дека укинувањето на дневната евтина тарифа за електрична енергија настанало преку два прописа кои се донесени врз основа на непостоечки одредби од Законот за енергетика.

Сето ова се случи во неверојатно кус период, пред летните годишни одмори и во потполна тајност. Таквиот начин на работа, покрај тоа што не е во согласност со Законот за енергетика, е спротивен и на внатрешните акти (Статут и Деловник) преку кои Комисијата го уредила начинот на сопственото функционирање. Ова особено се однесува на непочитувањето на начелата на објективност, транспарентност, непристрасност и заштита на потрошувачите.

Револтот предизвикан од ваквиот однос на Регулаторната комисија резултираше со формирање на спонтана граѓанска иницијатива „АМАН“, составена од групи на граѓани кои сè уште одржуваат протестни маршови по улиците низ републиката. Иницијативата се обрати до Хелсиншкиот комитет со барање да се утврдат правните механизми кои им стојат на располагање, а кои би можеле да водат кон остварување на нивните цели и барања.

Бидејќи контролата над работата на Комисијата ја врши таа самата, но и Собранието на РМ, пристапивме кон анализа на прописите кои ги донесува Комисијата. Паралелно препорачавме граѓаните да се обратат и до Собранието и од народните претставници да побараат организирање на надзорна расправа на која би се повикале членовите на Комисијата, а со цел пред целата јавност да ја образложат методологијата и принципите по кои се водат при донесување на прописите. За жал, иако вакво писмено барање беше поднесено до сите пратеници, тие одбраа да го продолжат молкот кој дотогаш беше својствен за Комисијата.

При анализата на прописите донесени од страна на Регулаторната комисија, дојдовме до заклучок дека укинувањето на дневната евтина тарифа за електрична енергија настанало преку два прописа кои се донесени врз основа на непостоечки одредби од Законот за енергетика. Понатаму, дополнителни единаесет прописи Комисијата ги донела врз основа на погрешни или непрецизно утврдени одредби од споменатиот закон. Бидејќи, според нас, се работеше за грешки во вкупно тринаесет приписи, ја известивме јавноста дека Комисијата во својата работа прави суштествени грешки. Истовремено, нашата анализа ја испративме до Комисијата, укажувајќи и дека донесувањето на такви прописи е недозволиво и ја доведува во прашање важноста на истите. Од Комисијата побаравме одговор за тоа дали планира своите акти да ги укине, измени или исправи при што предупредивме дека во недостиг на соодветна реакција, истите ќе ги оспориме пред Уставниот суд.

Дваесетина дена по поднесениот допис пристигна одговорот на Комисијата преку кој не известија дека во двата прописа преку кои се укина дневната евтина тарифа „направени се технички грешки и истите се испратени на објавување во Службен весник“. Набрзо, за еден од прописите исправката беше официјално објавена. За три од спорните прописи ни беше образложена методологијата на нивното донесување, по што утврдивме дека тие навистина не се спорни. И толку. Ниту збор за останатите прописи за кои укажавме дека се спорни, што нè наведе на помисла дека Комисијата е премолчно согласна дека и тие се со грешки. Според тоа, по исправките и објаснувањето за дел од прописите, остануваат уште осум акти кои се важечки, а се со недостатоци. Ова го потврдува нашето првично стојалиште дека Комисијата има сторено суштествени повреди во извршувањето на своите надлежности. И што сега?
Единствениот преостанат механизам кој сега им стои на располагање на граѓаните е граѓанската иницијатива за измени на Законот за енергетика.

Според Законот за енергетика, доколку некој од членовите на Комисијата несовесно и нестручно ја врши функцијата, тројца (од вкупно петорица) членови треба да го известат Собранието кое ќе утврди дека е исполнет условот за престанок на вршењето на функцијата на тој член. Бидејќи нереално е ова да се очекува од Комисијата, единствената следна можност за проверка на нејзината работа беше нејзиниот шеф – Собранието на РМ.

Ние, како невладина организација која покрај другото се стреми да делува како коректор на погрешни политики и нелигитимно донесени првни акти, нашите забелешки и одговорот на Комисијата ги испративме до сите пратеници во Собранието со цел им послужат при одлучувањето во врска со интерпелацијата на претседателот на Комисијата. Мнозинството пратеници сметаа дека Комисијата професионално ги исполнува своите задолженија и ја охрабрија да продолжи во истата насока.

Единствениот преостанат механизам кој сега им стои на располагање на граѓаните е граѓанската иницијатива за измени на Законот за енергетика. Замислена како форма за практикување на непосредна демократија, иницијативата ја помина фазата на одобрување во Собранието, а сега се чека на Владата и Државната изборна комисија и официјално да ја овозможат, односно отпочнат постапката за собирање на 10.000 потписи преку кои ќе се бара Регулаторната комисија да биде задолжена да ја врати дневната евтина тарифа за електричната енергија како и да им забрани на фирмите кои се бават со испорака на топлинска енергија да наплатуваат услуга од граѓани кои истата не ја користат.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG