Достапни линкови

Возачка дозвола на 16 години?


Воислав Стојановски доктор на правни науки и граѓански активист

Воислав Стојановски доктор на правни науки и граѓански активист

Трите најголеми политички партии изразуваат силна поддршка со резерва на предлогот единствено одлични ученици да се стекнуваат со возачка дозвола. Сепак, ваквото решение претставува експеримент во кој се вклучени малолетници за кои постојат индикации дека претставуваат безбедносно-ризична група во сообраќајот, вели Воислав Стојановски, граѓански активист.

Македонија е на пат да стане првата земја во Европа во која малолетници постари од 16 години ќе бидат во можност да се стекнат со возачка дозвола од „Б“ категорија. Ваквата идеја најпрвин беше промовирана во 2008 година од страна на Либерално-демократската младина, а минатата година се појави во вид на предизборно ветување на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за внатрешни работи како предлагач на законот воопшто не се осврнува на можноста од зголемен број незгоди поради помлади учесници во сообраќајот. Изостана презентација на научно истражување во оваа област, а јавноста која преку анкети во големо мнозинство се има изјаснето против идејата, не беше консултирана.

Во најголемиот број на европски земји, минималната возраст за независно управување со возило е 18 години. Можност да се стекнат со возачка дозвола на 16 години имаат граѓаните на Франција, Норвешка и Шведска, но доколку зад воланот се наоѓа малолетник, задолжително е истиот да биде придружуван од родител или старател. Постојат уште две групи на држави во кои дозволата се стекнува на 17 години за независно управување со возило (Унгарија, Исланд, Ирска и Обединетото Кралство) и на исто толку години при што е неопходна придружба од родител (Србија, Луксембург, Холандија и Германија).

Во образложението на Предлог-законот за безбедност во сообраќајот кој ќе ја овозможи оваа промена се наведени очекуваните придобивки како што се поголема мобилност и подобра комуникација на младите, а воедно и намалување на бројот на сообраќајни незгоди чија причина е управување со моторно возило без возачка дозвола.

Министерството за внатрешни работи како предлагач на законот воопшто не се осврнува на можноста од зголемен број незгоди поради помлади учесници во сообраќајот. Изостана презентација на научно истражување во оваа област, а јавноста која преку анкети во големо мнозинство се има изјаснето против идејата, не беше консултирана.

Иако ретки, сепак постојат истражувања од реномирани институти како на пример „Осигурителниот институт за безбедност на автопатиштата“ од САД и „Брејк“ од Англија кои повикуваат на подигнување на минимално дозволената возраст за стекнување со возачка дозвола во сопствените земји. Според едно од истражувањата, возачите учесници во сообраќајна незгода на 16 години во САД се речиси двојно побројни од оние на 18 години. Причините за ваквата ситуација се лоцираат во комбинација на фактори како што се комплексноста на управување со возило, тенденцијата кај помладите за побрзо возење и пореткото употребување на сигурносни појаси за разлика од повозрасните возачи. Понатаму, 16 годишниците се наоѓаат во ранлив период од развојот и иако имаат логичко расудување како и возрасните, нивниот социјален и емотивен развој е нецелосно зрел, со незаситна потреба од сензуална возбуда и нови доживувања што ги прави склони на ризик. Во истражувањата се наведува и дека предниот дел на мозокот преку кој се контролираат импулсите, расудувањето, носењето одлуки и координацијата на повеќе задачи истовремено целосно созрева во 20-те години од животот.

Предложеното решение за можност за стекнување на возачка дозвола само за одлични ученици го отвора прашањето на еднаквоста на граѓаните. Комисијата за заштита од дискриминација смета дека ваквата одредба е дискриминаторска бидејќи успехот постигнат во училиштата не влијае врз развојот на моторните вештини неопходни за совладување на техниките за управување со возило кај малолетниците со наполнети 16 години.
Покрај ваквите негативни статистички и социо-психолошки индикатори, стекнувањето со дозвола на 16 години отвора и две етичко-правни дилеми. Најпрвин, предложеното решение за можност за стекнување на возачка дозвола само за одлични ученици го отвора прашањето на еднаквоста на граѓаните. Комисијата за заштита од дискриминација смета дека ваквата одредба е дискриминаторска бидејќи успехот постигнат во училиштата не влијае врз развојот на моторните вештини неопходни за совладување на техниките за управување со возило кај малолетниците со наполнети 16 години.

Ваквата одредба би можела да биде оспорена пред Уставниот суд, но судот веќе отвори преседан со тоа што по поднесена иницијатива не поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите кои се однесуваат на просек од најмалку 8,00 за стекнување со функцијата судија. Според тоа, просекот останува правно дозволена категорија, а со тоа и можноста одредбата само одлични ученици да се стекнат со дозвола правно издржана.

Второ, според Законот за малолетничка правда на постар малолетник (лице на возраст помеѓу 16-18 години) може да му се изрече затворска казна само за кривични дела кои предвидуваат казна од 5 или повеќе години. Според Кривичниот законик, доколку поради загрозување на сообраќајот настапи тешка телесна повреда на некое лице или е уништен имот од значителен обем од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од 3 месеци до 3 години. Во практика, доколку постар малолетник од небрежност со возило повреди некого со последица траен инвалидитет, тој нема да може да биде осуден на затворска казна, како што тоа би било случај со полнолетен возач. Дали во ваков случај ќе биде задоволена правдата, особено од гледиште на оштетениот како жртва?

Во моментов предлог-законот се наоѓа во собраниска процедура. Трите најголеми политички партии изразуваат силна поддршка со резерва на предлогот единствено одлични ученици да се стекнуваат со возачка дозвола. Сепак, ваквото решение претставува експеримент во кој се вклучени малолетници за кои постојат индикации дека претставуваат безбедносно-ризична група во сообраќајот. Доколку се прифати решението - дозвола само за одличните, покрај тоа што е дискриминаторски чин, ја поткопува и една од главните цели на законот – подобра мобилност и комуникација. Се чини и дека предлог-законот е недоволно усогласен со Законот за малолетничка правда.

За да се избегнат потенцијалните негативни ефекти, имплементирањето на ваква промена мора да важи за сите подеднакво, а постарите малолетници моторни возила да управуваат само во придружба на постари и поискусни возачи кои нема да припаѓаат на категоријата возач почетник. Во спротивно, свесното игнорирање на научните и правните факти би можело да се разбере како политичко додворување кон малолетниците кои по стекнувањето со возачка дозвола набрзо се стекнуваат и со правото на глас за време на избори.
XS
SM
MD
LG