Достапни линкови

Си потураат вода за да измијат садови во 21 век


Жителите на селото Зркле во Општина Македонски Брод немаат вода со месеци. Собираат во пластични канти од селската чешма, тураат во мало буренце, а потоа со потурање ги мијат садовите.

Митана Славеска и ова лето го минува во селото Зркле во Општина Македонски Брод. Откако ќе светне сонцето по долгата зима, вели таа, заедно со сопругот доаѓаат во својата куќа во селото, зашто не можат да ја поднесат вревата и нечистиот воздух во Скопје. Но, се соочуваат со огромни проблеми. Во Зркле нема вода со месеци. Собираат во пластични канти од селската чешма, тураат во малото буренце, а потоа со потурање ги мијат садовите. Полнат вода во шишиња за се измијат пак со потурање, за да исперат во легени.
Се случува и некои денови ич да нема вода. Има река една и вода носиме од вировите со кола, со магаре, кој како ќе се снајде. Ние некни кога ич немаше, беше едниот син дојден, ловеше риба на Беличка Река, му се јавивме, од таму да донесат вода во балончињата што ги носеа. Тешко, бањање како во старо време, што ќе начекаме, што ќе остане малку вода, па со потурање.
Митана Славеска, повремена жителка на село Зркле.

„Се случува и некои денови ич да нема вода. Има река една и вода носиме од вировите со кола, со магаре, кој како ќе се снајде. Ние некни кога ич немаше, беше едниот син дојден, ловеше риба на Беличка Река, му се јавивме, од таму да донесат вода во балончињата што ги носеа. Тешко, бањање како во старо време, што ќе начекаме, што ќе остане малку вода, па со потурање“, вели Славеска.

Со истите маки се соочуваат и другите 50-ина жителите на Зркле. Освен возрасните, има вкупно 7 деца, а најмалото ќе наполни една година. Родителите стравуваат од потенцијални инфекции, зашто, велат, без вода претешко е да се одржи хигиената во домот.

„Не можеме да ги избањаме, стравуваме од зарази, шуга може да фатат, вода нема, носиме од река, не знаеме квалитетот каков е“, вели загрижен Стојан Трајкоски, татко на две мали деца.
За пиење немаме, а не уште за домашни потреби, за стоката и велам, од селава имам носено, од Сушица, долу таму каде што е асфалтот, од Долно Зркле, треба половина саат да патуваме за да земеме вода. Треба најмалку два пати во денот да одиме по вода.
Добре Танушески, жител на село Зркле.

Во тешка здравствена состојба е и неговата мајка, која со месеци лежи неподвижна. Тоа уште повеќе го усложнува проблемот со одржување на хигиената во нивниот дом без вода. Затоа тие собираат вода во огромни метални буриња, кои се наредени како во низа во дворот.

Зрклевци се револтирани што се принудени да живеат со овие проблеми.

„За пиење немаме, а не уште за домашни потреби, за стоката и велам, од селава имам носено, од Сушица, долу таму каде што е асфалтот, од Долно Зркле, треба половина саат да патуваме за да земеме вода. Треба најмалку два пати во денот да одиме по вода“, се жали Добре Танушески.

Освен вода, жителите немаат ниту асфалтиран пат до селото, па велат во лето при секој дожд ризично им е излегувањето надвор од селото, зашто возилата може да заглават во кал, а во зима со денови се отсечени од цивилизацијата. Најтешко им е кога некој ќе се разболи, а возило на итна помош не може да дојде, па жителите го носат болниот на раце до местото каде што почнува асфалтираниот пат.

Но, градоначалникот на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески тврди дека во тек се активности за изградба на водоводот и за патот. Вели дека за три месеци најдоцна ќе заврши асфалтирањето на патот за Горно Зркле и уште три села, Требовље, Долно Крушје и Заград Волче, зашто се обезбедени вкупно 1,2 милиони евра.

Што се однесува до водоводот, според Војнески, стопирани се работите во Министерството за транспорт и врски, кое се очекува секој момент да распише тендер за избор на изведувач. Средствата во висина од 400.000 евра се обезбедени од европска банка.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG