Достапни линкови

Државата им должи на фирмите, ама никој не кажува колку


Илустрација: Градилиште.
Илустрација: Градилиште.

Бизнисмените тајно се жалат, а се плашат јавно да кажат колку им должи владата, обвинува потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.

Проблем со наплатата на долговите од државата кон приватниот сектор има, но не е толку изразен како на почетокот на годинава, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески во интервјуто за нашето радио што во целост ќе може да го проследите в недела. Сепак, тој не споменува бројки. Има периоди во кои проблемот со поврат на ДДВ е поизразен и периоди во кои тој проблем се затвора, а сега сме некаде на средина кога тој проблем не е толку изразен, вели Азески.
Она што ние како анкета можеме да го собереме од компаниите е дека во моментов постои проблем, но не е изразен во таков степен како што беше на почетокот на годината
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Го прашавме Азески како ги коментира финансиските извештаи на неколку градежни компании, според кои, владата им должи сериозни суми за јавни набавки.

„Па после демантираа, па се работи за поврат на ДДВ, па се работи за Законот за јавни набавки од минатата година којшто и даде можност на државата да го пролонгира плаќањето за долго време, па тука е Управата за јавни приходи која тврди дека во определени компании има контроли и затоа се одолговлекува тоа итн. Тука има многу и многу причини за секој да си ја кажува својата вистина. Она што ние како анкета можеме да го собереме од компаниите е дека во моментов постои проблем, но не е изразен во таков степен како што беше на почетокот на годината“, вели Азески.
Фактот дека ММФ во својот извештај ги споменува бизнисмените покажува дека бизнисмените не се плашат да му кажат на ММФ дека државата им должи, туку се плашат да кажат во јавноста и се плашат од власта да кажат дали и колку им должи државата.
Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.

Потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски, пак, вели дека бизнисмените се плашат јавно да зборуваат за долгот на владата кон нив. Тој потсетува дека и ММФ зборува за тоа дека државата им должи на фирмите, но оти нема податок за тоа колкав е долгот.

„Фактот дека ММФ во својот извештај ги споменува бизнисмените покажува дека бизнисмените не се плашат да му кажат на ММФ дека државата им должи, туку се плашат да кажат во јавноста и се плашат од власта да кажат дали и колку им должи државата“, вели Јовановски.

Владините претставници, на новинарските прашања колкав е долгот кон стопанството постојано одговараат дека тој не е голем и оти се менува на дневна база. Во неодамнешното интервју во емисијата Х/0 на телевизијата Канал 5, на забелешка од новинарот, премиерот Груевски рече дека „доцнењата“ со поврат на ДДВ се многу помали од 65 милиони евра и оти се менуваат на дневна основа.

„Повремените доцнења што се случуваат, се случуваат поради европската должничка криза и рецесијата и последиците од неа и претходно од светската должничка криза. Има доцнења, се случува по неколку недели, недела, две, три, четири да се задоцни, но тоа не е затоа што е некоја друга работа во прашање или некого сакаме, некого мразиме или не знам странски се или домашни, туку честопати такви случаи се случуваат само во периодот додека е светската должничка криза“, рече Груевски.

За да се спречат шпекулациите за долгот, Јовановски посочува дека СДСМ предлага Министерството за финансии на секои две недели да го објавува долгот кон фирмите.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG