Достапни линкови

Богетиќ - На Македонија и треба поголем економски раст


Управувањето со фискалните политики во Македонија е на солидно ниво досега, а предизвикот е да се продолжи со тоа во едни понеповолни услови оваа година и да се опстои на патот на структурните реформи кои добро и служеле на земјата. Секако, растот во Македонија не е ни одблиску онаму каде што би требало да биде, и тоа претставува предизвик, вели Жељко Богетиќ, главен економист на Светска банка за Западен Балкан во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Богетиќ, ако направите споредба на економскиот развој на Македонија со другите земји во регионот, што би кажале, би добила ли Македонија преодна оценка?

Јас најпрво би сакал да кажам дека ние во Светска Банка, кои работиме на Македонија многу сме охрабрени од фактот дека Македонија навистина е помеѓу предводниците во регионот на Западен Балкан, како во смисла на севкупната успешност на економијата, но исто така и управувањето со макроекономските политики, особено фискалното управување од една страна, а исто така и структурните реформи како што е подобрување на инвестициската клима, кое неодамна ја донесе Македонија помеѓу земјите кои се најповолни за инвестирање во регионот и во светот. Значи, севкупно, Македонија е многу позитивна приказна во регионот на западен Балкан и би сакале да видиме тоа нешто да продолжи и да се прошири.

Ајде малку за таа страна која не е толку позитивна. Невработеноста е сериозен проблем којшто вие го посочивте и во последниот годишен извештај за економскиот развој на земјите од западен Балкан. Постои ли успешна формула за справување со овој проблем?

Мислам дека централната порака на нашиот нов извештај за економијата во југоисточна Европа е дека неколку земји од нашиов регион се соочуваат со значителни предизвици во однос на фискалното консолидирање, т.е. намалување на фискалните дефицити, намалување на јавниот долг и понатамошен напредок на структурните реформи, односно подобрување на инвестициската клима, регулативите за вработување и јавниот сектор. Тука главно мислам на земји како Албанија, Црна Гора и Србија, кои се соочиле со високо ниво на јавен долг во изминатите години, и кои треба да ја свртат оваа динамика во обратна насока. За разлика од тоа, Македонија мудро управува со своите јавни финансии, го држи дефицитот под контрола, а нејзиниот јавен долг е многу помал.

Сепак, во сегашните услови во еврозоната, односно високо ниво на несигурност и потенцијално интензивирање на кризата во еврозоната, и Македонија, исто така, треба да продолжи цврсто да ги контролира фискалните дефицити и да спречи зголемување на јавниот долг во иднина. Значи тоа е предизвикот, да се продолжи, на некој начин, со спроведувањето на здравите политики од минатото, меѓутоа во услови на полошо надворешно економско опкружување. На долг рок, сметам дека главниот предизвик на Македонија е понатамошната интеграција, физички, во смисла на надворешна трговија, во смисла на финансиски текови, во смисла на европските интеграции, и понатамошно унапредување на реформите насочени кон зголемување на продуктивноста, конкурентноста, подобра инвестициска клима и поефикасен јавен сектор.

Задолжувањето е уште еден проблем со кој се соочува Македонија. Според вас, какви можат да бидат последиците од големата задолженост?

Па, сметам дека, во рамките на еврозоната, сме сведоци на какви се последици можат на настанат поради големата задолженост. Можат да бидат доста сериозни, како во смисла на значителните ограничувања на буџетот да ги финансира владините, државните и социјалните обврски кон населението. Исто така може да значи поограничен и поскап пристап до надворешни финансии. Тоа е многу битно, особено за мали земји како Македонија. Така што мислам дека должничката криза во еврозоната, општо земено, дава одредени предупредувачки сигнали на земјите од југоисточна Европа, вклучувајќи ја тука и Македонија во однос на тоа што се може да тргне наопаку, и сметам дека таа порака, таа лекција треба сериозно да биде земена предвид. Повторно сметам дека управувањето со фискалните политики во Македонија е на солидно ниво досега, а предизвикот е да се продолжи со таквиот фокус, таквото спроведување, во едни понеповолни услови оваа година и да се опстои на патот на структурните реформи кои добро и служеле на Македонија. Секако, растот во Македонија не е ни одблиску онаму каде што би требало да биде, и тоа претставува предизвик.

Дали во такви услови инвестирањето во споменици и во други непродуктивни проекти може да претставува дополнителен ризик за македонската економија?

Како и кај се друго и тука се работи за рамнотежа. Странското финансирање е, општо земено, добра работа, ако е во рамките на фискално мудри граници и ако таквото странско инвестирање поддржува продуктивни инвестиции и клучни капитални проекти кои придонесуваат за одржлив економски раст. За земји со средно ниво на приходи, како Македонија, природно е се повеќе да се потпира на комерцијални извори на задолжување, а не само на, таканареченото концесиско задолжување од Светска Банка и други слични институции. Значи, досега сметам дека ова добро и служи на Македонија. Мислам дека тука се работи за добро управување со тие странски финансии во иднина во рамките на мудрите граници, и одржување на дефицитот и задолжувањето под контрола во иднина.

Другата страна на медалот е како тие пари всушност се користат во рамките на локалната економија односно домашниот буџет. И таму, навистина, клучниот елемент е не само да се држи дефицитот под контрола и јавниот долг да биде мал, туку исто така е важно структурата на буџетот да биде повеќе насочена кон продуктивни јавни инвестиции, односно стварни тесни грла, обично во делот на инфраструктурата, чие надминување би имало големо влијание врз економскиот раст. Тука мислам на транспортната инфраструктура, врските со соседните земји, енергетика и така натаму. Исто така, во рамките на тековните расходи во буџетот, битно е мудро да се управува со тие ресурси за да се постигне најголемо можно влијание во делот на образование, здравство, особено во делот на социјална заштита со цел да се осигури дека ресурсите кои се наменети за најсиромашните и најранливите делови од населението навистина ќе стигнат таму и дека нема да има протекувања во други делови на населението. Ова претставува структурен долгорочен предизвик кој треба внимателно да се управува.

Ајде околу економскиот раст. Го споменавте пред малку, вашите проценки зборуваат за 2 проценти оваа година и 3,2 за наредната година. Ако ја слушнеме владата, таа најчесто ја посочува глобалната економска криза како главниот виновник за нискиот економски раст на Македонија, кое е вашето мислење?

Сметам дека во случајот на Македонија би се согласил со тоа дека надворешните шокови и особено неповолното надворешно опкружување довело до особено неповолна слика која го ограничува краткорочниот економски раст на Македонија. И покрај тоа, сепак очигледно е дека македонската влада треба да продолжи со спроведувањето на своите фискални, финансиски и социјални политики во насока на подолгорочен раст и поефективна социјална заштита, бидејќи тешко е да се види како македонскиот економски раст ќе се зголеми на 4, 5 или 6 проценти, односно на ниво на кое треба да биде на долг рок, без подинамични кредитни текови во економијата од финансискиот сектор, без поодржливи намалувања на невработеноста и придобивки во смисла на приходи на домаќинствата кои би можеле да ја поддржат потрошувачката и инвестициите, како и без дополнително привлекување на странски директни инвестиции, што е навистина многу тешко со оглед на надворешните услови. Значи, иако постојат многу работи што владата може да ги направи и треба да продолжи да ги прави, сепак сметам дека може да се каже дека надворешните услови во моментов претставуваат ветер во спротивна насока односно го ограничуваат краткорочниот економски раст на Македонија и регионот во целина. Се надеваме дека 2012 ќе биде преодна година и дека во 2013, со постепено решавање на грчката криза, овие економии постепено ќе прикажат поодржливи придобивки во насока на многу подинамична патека на раст која на крај ќе доведе до намалување на невработеноста и сиромаштијата.

Во последниот извештај што го споменавме се наведува дека и извозот е недоволно искористен потенцијал во Македонија. Што, според вас го кочи овој процес?

Да, со еден збор конкурентноста на македонските производи претставува голем дел од таа формула и големо прашање. Со други зборови, македонските производи треба да бидат поконкурентни како во смисла на цената, во смисла на квалитетот, стандардите кои Европската унија ги бара од мали земји кои имаат аспирации да станат големи извозници во рамките на нејзиниот голем пазар, меѓутоа исто така и во смисла на брзината и ефикасноста со која македонските производи ги преминуваат границите со соседните земји, а на тоа влијаат инфраструктурата, брзината на транспортот, брзината со која се завршуваат царинските постапки и така натаму. Така што, тоа е цела една низа на работи кои може да се подобрат. Дел од нив се под контрола на македонските власти, како што се ограничувањата на инфраструктурата, царината, стандардите итн. Останатите, пак, се однесуваат на надворешната средина, побарувачката за производи извезени од Македонија во Европската унија сега е намалена, и јас мислам дека македонскиот извоз како процент од БДП е највисок во регионот на западен Балкан, околу 35 проценти. Значи, тоа се добри вести, а во изминатиот период сме виделе позитивен развој на состојбата, со доаѓањето на одредени високо профилни странски директни инвестиции кои извезуваат производи надвор од Македонија, би сакале да видиме повеќе такви примери. Навистина, во сите овие земји, вклучувајќи ја и Македонија извозот би можел да биде на многу повисоко ниво од сегашното. Ако ја споредиме, на пример, Македонија со некоја од другите мали земји со слични географски и други ограничувања. Да ги земеме за пример балтичките држави, или Словенија, или Малта, или Кипар, тие имаат многу повисок однос помеѓу извозот и БДП и тие можат да ги искористат овие поголеми пазари многу поефикасно. Во принцип, нема ништо што би ја спречило Македонија да го прави истото, и мислам дека ова е нешто на кое владата би можела уште повеќе да се фокусира во иднина, сметам дека тоа е голем неискористен потенцијал.

Господине Богетиќ, доколку ги прашате бизнисмените во земјава, тие ќе ви кажат дека е тешко да се води бизнис тука, додека пак од друга страна владата промовира мерки со кои се олеснува отпочнувањето и водењето бизнис во Македонија. Кажете ми какви се вашите согледувања за тоа како функционира во моментов бизнис климата во земјата?

Сметам дека, општо земено, тоа претставува позитивна слика. Македонија е предводник во регионот на западен Балкан меѓу овие шест економии во југоисточна Европа, а тоа е одразено во рангирањето на Македонија во смисла на показателите од извештајот „Дуинг Бизнис“. Како што знаете, минатата година Македонија беше рангирана многу високо како 22-ра економија во светот со најповолно деловно опкружување за водење на бизнис. Тоа се добри вести, а мислам дека дел од тоа се одразува и во дел од новите странски директни инвестиции во Македонија. Се надеваме дека ова ќе претставува добра основа за проширување на овие придобивки во иднина. За жал, многу повеќе треба да се направи. Би сакале да ја видиме Македонија да биде уште поуспешна. Јас мислам дека, во таа смисла постојат прашања поврзани со политики како во смисла на флексибилност и регулативи на пазарот на трудот, на пример, кои би можеле значително да се подобрат, што би помогнало во намалување на високата невработеност на долг рок. Доколку се пофлексибилни правилата за вработување и отпуштање на работници, како и аранжманите за стапување во работен однос итн., од една страна тоа би било еден фактор кој би придонел за намалување на невработеноста на долг рок и за тоа економскиот раст на Македонија да биде таков што ќе апсорбира повеќе работна сила отколку што тоа било случајот до сега. Другата страна на медалот е македонскиот јавен сектор и јавните расходи да станат многу поефикасни. Тоа значи, за секој потрошен денар, важно е да се добијат поголеми резултати во смисла на јавните расходи, како во однос на резултати во образованието, резултати во здравството, резултати во социјалната заштита, во инвестиции итн. Мислам дека токму реформите кои се насочени кон вакви придобивки на зголемена ефикасност се оние кои ќе доведат најголема вредност за потрошените пари во иднина и ова го гледам како многу значаен елемнт.

Дали гледате некаков напредок во однос на тоа што државата прави за да ја подобри ситуацијата со сиромаштијата, во однос на тоа што прави за да им помогне на најранливите категории граѓани во земјава?

Да, тоа навистина претставува предизвик и тоа е нешто што ние како тим би сакале да го нагласиме за изготвувачите на политики во регионот, а тоа е дека социјалната ситуација е навистина тешка во целиот регион, а изготвувачите на политики треба тоа го имаат предвид и да се обидат поагресивно, ако можам така да кажам, да се справуваат со тоа преку поефикасни и поефективни механизми на социјална заштита. Како? Па, знаеме дека насочените механизми на социјална заштита, таканаречените механизми на социјална заштита кои зависат од приливите на корисниците, односно оние каде ресурсите се насочени токму кон оние кои се навистина сиромашни, најчесто се многу поекономични, меѓутоа исто така, обично се подобри во смисла на ублажување на сиромаштијата кај тие ранливи групи, во споредба со пристапот на трошење по категории на граѓани, каде надоместоците се даваат на многу поширок обем на луѓе, вклучувајќи ги и оние на кои можеби ваквите надоместоци од социјална заштита не им се толку потребни. Така што, тоа е еден предизвик. Сметам дека во целиот регион, вклучително и во Македонија во голема мера се применува овој пристап на трошење по категории кои не се особено успешни во намалување на сиромаштијата и не се конкретно насочени кон најсиромашните и најранливите категории, така што важно е да се спроведат реформи во оваа област. Меѓутоа, на крајот на краиштата, најдобриот лек е висок раст. Висок раст, односно висок раст кој доведува до голема апсорпција на работната сила е најдобар лек за сиромаштијата. Степенот до кој македонските политики можат да се насочат кон забрзување на економскиот раст, забрзување на домашните и странските инвестиции, подобрување на структурното опкружување и инвестициската клима, јас сметам дека, во комбинација со механизмите за социјалната заштита, сметам дека ваквата комбинација на политика има подобри шанси, отколку секоја посебно, да помогне во одржливото намалување на сиромаштијата на подолг рок.

Дали Македонија, господине Богетиќ, има стабилен банкарски сектор и колку тој е важен за една мала и затворена економија како што е нашата?

Не би рекол дека македонската економија е затворена, би рекол дека е всушност многу отворена, а секако многу поотворена од некои други економии во регионот, и тоа е добра работа. Тоа претставува извор на можности за македонскиот извоз и подинамичен раст во иднина. Финансискиот сектор е апсолутно од критично значење во оваа смисла, бидејќи финансискиот сектор е посредник за заштедите, како домашни така и странски заштеди кои земјата може да ги привлече и ги насочува кон продуктивна употреба и кредити за финансирање на потрошувачката и инвестициите на приватниот сектор и домаќинствата. И колку подобро финансискиот сектор може да ја врши таа своја посредничка функција по ниски каматни стапки, и на ефикасен начин, и со високи стапки на кредитни текови, толку економијата има повеќе шанси да постигне високи стапки на инвестиции и раст, што пак доведува до подбра социјална положба на населението. Кога ја гледам сликата на земјите во регионот на западен Балкан, шесте земји кои ги анализиравме во рамките на овој извештај, македонскиот банкарски систем се истакнува како еден од подобрите и поробусни економски и финансиски системи, со соодветни односи на адекватност на капитал, солидни резерви и секако во подобра форма отколку пред кризата. Тоа е добра вест. Тоа е систем кој се потпира многу повеќе на домашни депозити за финансирање на своите кредитни активности, наместо на приливите од банките родители и надворешните банкарски текови. Тоа е и добра и лоша вест. Добра вест е поради тоа што системот ги финансира своите кредитни активности од здрави извори на депозити, односно стабилна основа на финансирање на депозити. Лошата вест е дека нема некои конкретни надополнувања од надворешни извори и поради тоа кредитниот раст ќе биде ограничен, нема да биде ни блиску до нивото пред кризата, што, од своја страна ќе ги ограничи инвестициите и растот. Меѓутоа, сметам дека севкупно финансискиот сектор е доста робусен. Сега, јасно е дека секторот треба да продолжи да се подобрува, неуспешните заеми и понатаму се на високо ниво и треба да се намалат. Искрено се надевам дека, дел од овие политики кои досега се спроведувале во финансискиот сектор, ќе продолжат и понатаму со цел да уште повеќе да се надгради отпорноста на финансискиот сектор.

И за самиот крај, иако во текот на разговорот посочивте кои ќе бидат предизвиците со кои ќе се соочи македонската економија, може ли накратко да ги потенцираме ризиците и краткорочни и долгорочни со кои што ќе се соочува македонската економија во иднина?

Накратко би го резимирал одговорот на тоа прашање во смисла на она што претходно го кажав. Краткорочен предизвик за скоро сите земји до западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, е во основа одржување на фискалното мудро работење, одржување на дефицитите под контрола, одржување на задолжувањата во границите на мудро работење, и до најголема можна, односно потребна мера, намалување на нивото на јавен долг. Фискалните предизвици се значителни. Македонија тука е во подобра ситуација, би сакал да потенцирам, во споредба со неколку други земји како Албанија или Србија, така што има поголем простор за маневрирање, ако може така да кажам, во споредба со овие земји. Меѓутоа нема простор за опуштање на политиките, токму поради овие високи ризици во надворешното опкружување, работите може да се влошат во еврозоната и во такви услови многу е битно да се имаат мудри фискални политики. Македонија, постојано управувала добро со своите јавни финансии, сега битно тоа да продолжи и понатаму на краток рок и во понеповолни услови. На подолг рок, тоа многу ќе зависи од тоа како Македонија ќе продолжи да го одржува солидното инвестициско опкружување и понатаму да го подобрува во други димензии кои заостануваат, исто така, како што спомнав, да ги подобри на регулативите за вработување и да го направи јавниот сектор многу поефикасен и попродуктивен и поефективен во смисла на исходите од трошењата во јавниот сектор во иднина, сметам дека многу ќе зависи од како овој процес ќе биде управуван на среден, односно долг рок.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG