Достапни линкови

logo-print

Ахмадинеџад: Иран никогаш нема да капитулира


Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад

Иран, како што изјави шефот на државата Махмуд Ахмадинеџад, наскоро ќе објавел многу важни достигнувања на нуклеарно поле.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад на обраќањето на денешниот митинг по повод 33 годишнината од исламската револуција изјави дека Иран наскоро ќе објави многу важни постигнувања на нуклеарно поле.
Единствен пат за вас е да го признаете правото на иранската нација и да се вратите на преговарачка маса, бидејќи секој друг пат води кон неуспех.

Не прецизирајќи за што станува збор тој додаде дека Иран никогаш нема да капитулира пред говорот на силата.

„Единствен пат за вас е да го признаете правото на иранската нација и да се вратите на преговарачка маса, бидејќи секој друг пат води кон неуспех“, рече Ахмадинеџад во говорот што го пренесуваше иранската телевизија.

Иран е под меѓународни санкции поради нуклеарната програма, што беа воведени по неуспехот на дијалогот меѓу Техеран и големите светски сили.

Израел и Соединетите држави постојано повторуваат дека сите

опции се во игра со цел да биде принуден Иран да се откаже од неговата нуклеарна програма.

Ахмадинеџад уште еднаш повторил дека неговата земја нема да се откаже од збогатувањето ураниум.

Меѓународната агенција за атомска енергија во минатиот ноември извести дека Иран збогатува ураниум на многу повисоко ниво од она што е потребно како гориво за нуклеарните централи.
Ахмадинеџад исто така жестоко ги критикуваше Соединетите држави и Израел и повторно го негирал геноцидот врз Евреите во текот на Втората светска војна.

„Соединетите држави и Западот ја измислија приказната за Холокаустот за да ја создадат израелската држава како дел од планот да доминираат во светот“, рече тој, додавајќи дека Иран го уништил тој идол со Холокаустот.

Иран не го признава Израел и редовно повикува на исчезнување на еврејската држава.

Пред говорот на Ахмадинеџад пред насобрените околу 30 илјади луѓе во Техеран се обрати и премиерот на Појасот Газа од палестинското радикално движење Хамас Исмаил Ханија кој изјави дека Хамас нема никогаш да го признае Израел.

Дописниците на Радио Слободна Европа јавуваат дека на централниот плоштад во Техеран било изложено американското беспилотно летало кое во декември беше заробено од иранската војска на границата со Авганистан.

Собири имало и во другите градови за одбележување на настаните од 1979 година кога во Иран беше соборена прозападната монархија и на власт дојде исламистичкиот режим.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG