Достапни линкови

Путин - Западот не сака сојузници, туку вазали


Рускиот премиер Владимир Путин смета дека антиракетниот систем што Соединетите Држави и НАТО го разместуваат во Европа несомнено е со цел да се неутрализира нуклеарната способност на Русија. Претходно, официјална Москва ја обвини шефицата на дипломатијата на Европската унија Кетрин Ештон за мешање во руските внатрешни работи.

„Ми се чини дека нашите партнери не сакаат сојузници, туку вазали. Тие сакаат да владеат. Но, Русија не функционира на таков начин“, изјави рускиот премиер Владимир Путин, кој се појави во програмата „Студена политика“ на првиот канал на руската телевизија.

Притоа тој наведе дека антиракетниот систем на НАТО во Западна Европа може да ја покрие територијата на Урал, каде што, како што рече, се базирани руските нуклеарни сили.

Оценувајќи дека денес нема закана од Иран или од Северна Кореја, Путин додаде дека НАТО не нуди никакви пишани гаранции дека системот не е насочен против Русија.

Ми се чини дека нашите партнери не сакаат сојузници, туку вазали. Тие сакаат да владеат. Но, Русија не функционира на таков начин.
Тој прецизира дека Соединетите Држави се иницијатор за разместувањето на ваквиот антиракетен систем во Западна Европа и потсети дека токму таа земја е единствената во историјата која употреби атомско оружје и тоа против неатомски вооружената Јапонија во 1945 година.

„Што би требало да правиме, да го избришеме тоа од нашата меморија?“, праша Путин, наведувајќи дека Русија секогаш одговора на заканите кои се појавуваат на нејзините граници.

Поддржувајќи го ваквиот свој став тој додаде дека Русија е единствената земја, покрај Соединетите Држави која има, како што рече, нуклеарно тројство, односно копнени, поморски и воздушни нуклеарни сили.

Тој оцени и дека руските партнери во Советот за безбедност на Обединетите нации произведуваат докази за присуство на оружје за масовно уништување во некои земји и повикуваат на инвазија врз нив или на менување на нивните влади.

„Нивните намери не ми изгледаат сосема искрени“, изјави Путин кој е во предизборна кампања.

„Јас не сакам да работам и нема да работам ако немам поддршка. Нема смисла. Тоа значи дека другите луѓе треба да се обидат да направат подобро. Тоа значи дека нашите граѓани треба да ја предадат иднината на Русија во други раце. И ние само треба да им помогнеме на овие луѓе во решавање на задачите со кои нашата земја се соочува.“

Путин постојано гради имиџ на цврст лидер и на личност која секогаш ќе промовира силна Русија подготвена да игра клучна улога во светските настани.

Неговата критика против антиракетниот систем на НАТО доаѓа само еден месец пред руските претседателски избори преку кои од премиерската позиција што ја извршува од 2008 година би требало да се врати на лидерската функција, што ја имаше на два последователни мандата.

Претходно, руското Министерство за надворешни работи ја обвини шефицата на дипломатијата на Европската унија Кетрин Ештон дека нејзините ставови за претстојните избори претставуваат мешање во внатрешните работи на Русија. Ештон ја повика руската влада да започне дијалог со опозицијата и да се определи на агенда на промени.

Декемвриските парламентарни избори во Русија, странските посматрачи ги оценија за лажирани, а опозицијата за првпат по многу години почна протести против властите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG