Достапни линкови

Поостри санкции против Иран


Американската државна секретарка Хилари Клинтон и министерот за финансии Тимоти Гајтнер.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон и министерот за финансии Тимоти Гајтнер.

Соединетите Држави, Британија и Канада координирано воведоа нови санкции против Иран поради тајната нуклеарна програма на таа земја. Цел на американските санкции е енергетскиот и петрохемискиот сектор, додека британските и канадските се фокусирани врз финансиската сфера. Официјален Техеран соопшти дека санкциите се дел од психолошка војна и оти нема да имаат ефекти.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека заедничките мерки претставуваат значаен скок на притисокот врз Иран, врз изворите на добивка и врз нелегалните активности на таа земја.

„Претседателот Обама потпиша извршна наредба која за прв пат за цел ја има иранската нафтена индустрија, значаен извор на извозните приходи на таа земја.“

Нуклеарна постројка во Иран

Нуклеарна постројка во Иран

Клинтон прецизира дека 70 насто од иранскиот буџет се полни од нафтената индустрија.

Овој чекор, според американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер, ќе ја зголеми изолираноста на Иран.

Тој додаде дека компаниите и банките во светот би требало добро да размислат пред да ризикуваат да водат бизнис со Иран.

„Ако сте финансиска институција каде и да било во светот и сте ангажирани во некаква трансакција со Иранската централна банка или некоја друга иранска банка, тогаш ризикувате да ги поддржувате незаконските активности на таа земја, нејзиното нуклеарното оружје и нејзината поддршка на тероризмот.“

Како што се очекуваше, Соединетите Држави не го пресекоа иранскиот банкарски систем засекогаш поради загриженоста дека таквиот чекор би можел да ја покачи цената на нафтата, а со тоа да му наштети на американското економско заздравување.

Сепак, Клинтон најави дека меѓународниот притисок ќе се зголемува се додека иранските лидери не го сменат курсот и не ги исполнат меѓународните обврски.

„Дозволете ми да бидам јасна: денешните санкции не ги исцрпуваат нашите можности за санкции против Иран. Активно ќе продолжиме да разгледуваме дополнителни многу поагресивни мерки.“

Овие потези следеа по извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија од 8 ноември во кој за прв пат директно иранската нуклеарна програма се поврзува со производство на оружје.


Во извештајот се прецизира дека постојат веродостојни докази дека Иран развива нуклеарни боеви глави.

Техеран го отфрли извештајот со инсистирање дека нуклеарната програма е за мирољубиви цели.

Досегашните четири рунди на санкции воведени од Обединетите нации, вклучувајќи ги оние од јуни 2010 не беа успешни во убедувањето на Иран да се откаже од нуклеарните активности. Токму поради тоа западните сили се заложија за натамошен притисок без поддршка од Русија и Кина.

Новите санкции на Соединетите Држави, Британија и Канада, беа поддржани и од Франција, а на 1 декември се очекуваат нови санкции против Иран и од Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG