Достапни линкови

Во темнината на 21 век


Боро Арсоски
Боро Арсоски

Во затворот на сопствените мисли и страдања, во сиромаштија и ужасна беда, со две малолетни деца живее кичевчанецот Боро Арсоски.

На свеќа децата ја дочекуваат зората во студените ноќи, без огрев, се греат на пламенот и сонуваат со отворени очи за нова, светла иднина.

„Јас не работам никаде и не можам да платам, на рати ми рекоа да платам, беше на девет, сега ми рекоа на две, ама не можам ни на две рати, ниту еднократна помош. Бев во Министерството ми рекоа дека имам еднократна помош, да барам овде, а овде ми рекоа дека нема пари за тоа, и еве како како се снаоѓаме... никако“,вели Арсоски.

Немаштијата и проблемите по разводот со сопругата му ја украло среќата на ова тричлено семејство. Децата кои зачекориле во пубертетот, се нетрпеливи.
И за мала работа растат тензиите, нетрпеливоста меѓу тројцата, која често завршува со физички конфликт меѓу таткото и малолетниот син, кој наполнил 16 години. А, сведок е 13 годишната ќерка.

За траумите на ова семејство зборуваат и соседите и се прашуваат зошто државата не презема мерки да спречи поголема катастрофа. Бидејќи децата се под постојан стрес.
ие се срамат од сиромаштијата и статусот што го имаат, но немаат начин да си помогнат.
Засрамени од случувањата често не одат во училиште. Потоа доаѓа го расправии со таткото, кои завршуваат со повик на полицијата. Но, проблемите не се решаваат.
Немоќен да остане како столб на семејството, пред почетокот на зимата Боро Арсоски ги моли институциите да му помогнат.

Семејството Арсоски немаат струја, децата учат на свеќи
Семејството Арсоски немаат струја, децата учат на свеќи

„Ни директорот, ни социјалните работници не преземаат ништо, дојди денеска, дојди утре и така се одолговлекува целата работа еве 5 -6 месеци и не се помага“,реагира Арсоски.

Вели нема пари ниту да го плати долгот кон ЕВН од 12.000 денари, ниту да купи дрва, огрев, ниту пак има сигурна работа за да им обезбеди подобар живот и храна на своите деца. А, нарушената хармонија веќе станува ризична за семејството.
И од Министерството за труд и социјална политика го потврдуваат тоа. Велат дека постојано контактираат со семејството, дека во еден период му била обезбедена краткотрајна работа на Арсоски, кој порано бил корисник на социјална помош.
А, сега треба да ги комплетира документите за повторно да добие повторно и социјална и еднократна парична апомош.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG