Достапни линкови

logo-print

Бројни коментари од слушателите на нашата веб страна за најновата тема во рубриката Хајд парк - Како граѓаните го оценуваат Охрид во однос на соседните земји?

Конечно една летна, водена тема во нашиот Хајд парк, за да се разладиме и ние што се печеме на скопските горештини: Каде е поубаво на одмор? Како граѓаните го оценуваат Охрид во однос на соседните земји и што мислат за љубезноста на домаќините? И според вашите коментари, почитувани, се покажува болката што со години сите ја носиме за нашиот Охрид:

Ивица од Скопје, претпоставувам наместо коментар, ни испратил две охридски мудрости, кои, заради автентичност ќе се обидам да ги прочитам онака како што се напишани - на охридски дијалект: „Цело зимо ајвар јајте за на лето Охрид да дојте! Или, шо сакет скопјанине, солј да врламе ензероно море да го сториме?“.

Слушател потпишан со Турист смета дека охриѓани се едноставни луѓе, вели, нив доста им се и толку туристи. Тие можеби и не знаат дека со такво туристичко место можат да спечалат и да ја купат цела Македонија, да бидат најбогатиот град во државата. А не да се жалат од сиромаштијата и дека државата не им помогнала. Тие сакаат гостите да им се потчинуваат, пишува Туристот.

Пораката што ја испратил Номче од Охрид предизвикала повеќе коментари како одговор на неговите зборови: Номче вели: „Нека мини летоо оти ни го испоганивте ензероно“. Ицо му одговара дека езерото не го испоганија туристите туку неразумните охриѓани кои ги насочуваат фекалиите каде што не им е местото. Освен тоа, додава Ицо, мнозина охриѓани мислат дека за туризам е доволно езерото и забораваат да мрднат со нешто друго, што Ицо го испишал со повеќе иксови.

„Шо сакет скопјанине, солј да врламе ензероно море да го сториме?“, наместо коментар, ни испратил две охридски мудрости Ивица од Скопје.

На Номче од Охрид, во врска со поганењето, му одговара и Номче, ама од Скопје, кој пишува дека: „... на есен сограѓаните на Номче че го испоганат Скопје заедно со цела провинција, кој по работа вон сезона по рентање лежалки, кој на студии“.

Слушателот со инспиративен потпис - Распучин од Мариово ги критикува сите влади досега кои не нашле начин да дадат поволни кредити за изградба на вили со мали апартмани каде што гостинот ќе биде изолиран во својата приватност, зашто не може да се пречекуваат гости во куќа каде што живеете и каде што вашите деца ѕиркаат преку клучалка. Не знам дали тоа е решението на проблемот, ама се надевам дека некои охриѓани, барем, ќе ги прочитаат поракиве, или на некаков друг начин ќе стигнат до нив за да поправата некои нешта со што гостите ќе бидат задоволни, и да нема поплаки во стилот, „виновни се туристичките агенции кои ги носат Македонците во Грција и на други места, а не во Охрид“ - како што еднаш ми кажа еден пријател од Охрид.

Каде е поубаво на одмор? Како граѓаните го оценуваат Охрид во однос на соседните земји и што мислат за љубезноста на домаќините? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG