Достапни линкови

Завршува изборната кампања


ВМРО-ДПМНЕ ја почна предизборната кампања во Охрид

ВМРО-ДПМНЕ ја почна предизборната кампања во Охрид

Завршува предизборната кампања и се сведуваат сметките - партиските, медиумските и оние на граѓаните.

И додека партиите на Албанците барем се потрудија нивната кампања да изгледа нешто поцивилизирано, па дури изборните штабови одиграа и фудбалски натпревар, македонските партии, од кога мастилото од потписите на кодексот за фер избори уште не беше исушено, се фатија за гуша, за очи и за уште некои делови од телото, и со мали исклучоци, не се пуштија до крајот.

Негативна кампања доминираше меѓу најголемите ривали од македонскиот политички блок

Една од поголемите разлики со претходните неколку кампањи е и речиси неспомнувањето на проблемот со името. Прашањето што не така одамна беше главен адут на некои партии, сега остана во дебела сенка на други теми. Иако, главна „тема“, односно дисциплина беше плукањето по противникот, неговото максимално оцрнување. Што тој другиот направил, односно не направил во изминатите години. И сето тоа во
името на народот, кој како што тврдеа главните протагонисти, секогаш е на нивна страна.
Низ Македонија се слуша барем два пати повеќе ДА,
отколку НЕ.

„Низ Македонија се слуша барем два пати повеќе ДА, отколку НЕ.“

„Готово е, народот се прекрши, народот реши, народот е на нозе.“

Партиите на Албанците водеа многу поцивилизирана кампања

Од почетокот до крајот се провлекуваа неколку прашања, на пример повиците од лидерите на опозициските партии за ТВ дуел со премиерот, но и неговото одбивање, објавените списоци со административци кои наводно мора да обезбедат одреден број „сигурни“ гласови, обвинувањата од владејачката коалиција дека опозицијата подготвува насилно сценарио за изборниот ден...

Сето тоа беше зачинето со стандардните (не)реални ветувања. Одвреме навреме ќе „летнеше“ и по некоја милијарда, се разбира во евра, а и по некое скромно милионче. Но, како се ближеше крајот на предизборието, партиите се поупорно се обидуваа да ни
Готово е, народот се прекрши, народот реши, народот е
на нозе.

покажат дека не е се во парите. Оти нешто има и во недвижностите:

„Антонио и Груевски повеќе станови купија отколку што изградија станови за социјалните случаи во Македонија.“

„Фамилијата Црвенковски располага со недвижен имот на хрватскиот остров Корчула.“

А каде се во сето ова, граѓаните?

А и медиумите во оваа кампања се однесуваа малку поинаку отколку во претходните. Некои од нив се на добар пат да покажат дека во придавките провладини и проопозициски треба да се избрише префиксот „про“. На некои телевизии одеа реклами и извештаи од митинзите на власта, на други пак само на опозицијата. Барем им заштедија труд на луѓето кои беа задолжени да мерат колку минути и секунди се застапени едните, а колку другите. А колку се претеруваше со квантитетот на политичкиот маркетинг, доволен податок е дека просто се зажелевме за обични реклами на телевизија.

А каде беа во сето ова граѓаните. Предозирани од она што се случуваше во изминатиот период, ним им останува утехата дека конечно помалку ќе ги слушаат зборовите „ви ветуваме“, „свечено отвораме“, „пуштаме во употреба“... Им останува и надежта дека пред наредната кампања ќе нема потреба странските претставници да ги собираат нашите партиски лидери, како племенските главатари од стриповскиот „Дарквуд“, на потпишување кодекс за убаво однесување.
  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG