Достапни линкови

Неделен печат


Политичката криза и меѓународната загриженост, главна тема во неделните печатени изданија.


Форум: Криза наместо дијалог

За „Криза наместо дијалог“, пишува најновиот број на Форум, при што потсетува дека Македонија влегува во втората недела од политичката криза, која сериозно ги вознемирила и странските претставници во земјава, но и Брисел и Вашингтон. Сега дипломати доаѓаат како пожарникари да го гаснат пожарот, пишува неделникот, цитирајќи го аналитичарот Мерсел Биљали, кој вели дека нивната интервенција само зборува за недостиг на демократски капацитет меѓу политичарите и ја отсликува општата криза која го зафати општеството поделено по сите шевови. Неделникот ја цитира и професорката Тања Каракамишева, која за разлика од Биљали, смета дека вонредни избори не се потребни затоа што распоредот во Парламентот ќе останел горе-долу ист, а ќе се трошат само пари, но дека оваа политичка криза ја исфрлила на површина, од една страна, целосната безидејност на опозицијата да понуди нови идеи и решенија, и проблемите на крајната неспособност на власта да креира здрав политички дијалог и да создаде атмосфера на доверба меѓу политичките субјекти.

Фокус: Груевски друго зборуваше во опозиција

Фокус го објавува интервјуто со Никола Груевски од 2003 година, кога стана нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ и беше во опозиција, во кое тој ги изнесува своите ставови дека институцијата притвор се злоупотребува, дека судството е под контрола на власта, дека судиите се плашат, дека народот е се' понезадоволен... Фокус, како своевиден парадокс, го цитира Груевски од 2003-та кога порачува дека ако медиумите поддржуваат само една партија, особено кога таа е владејачка, можат да направат штета на државата. Репринтањето на старите размислувања на сегашниот лидер на владејачката партија и премиер има ефект на своевидна шок терапија, заклучува Фокус.

Глобус: Десницата ги уништи македонските кулаци

И, дозволете ни, малку како бегање од политиката, и покрај тоа што се покажа дека во таа наша област има најмногу политика, да избереме тема и - за аграрот. Глобус прави анализа на состојбите по ликвидацијата на Сведмилк па со крупни букви го изведува насловот дека: „Десницата ги уништи македонските кулаци“, поточно дека средната класа, која требаше да го заживее селото, од целна група на ВМРО-ДПМНЕ се претвора во економска руина. Измамените фармери отпрвин почнаа да се гледаат себеси како „отмени“ и ефикасни Швеѓани, за да завршат како измамени Балканци од една од политичките елити во земјата - ја развива понатаму својата анализа неделникот, наведувајќи дека грижата за аграрот остана само на страницата во програмата 101 чекор на владејачката партија. Глобус објавува и речиси неверојатен детал дека во земјава се субвенционира производство на тикви, на пример, но не и на сончоглед или на шеќерна репка!!!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG