Достапни линкови

Интервју - Симоне Филипини


Да се создаде поконструктивна политичка клима подготвена за сите реформи што оваа земја треба да ги оствари на нејзиниот пат кон Европската унија, вели холандската амбасадорка Симоне Филипини во неделното интервју на Радио Слободна Европа.





Каква е вашата оценка за последните случувања на политичката сцена, излегување на опозицијата од парламентот, недостиг на политички дијалог итн. Како изгледа сето ова во очите на меѓународната јавност?

Во основа се работи за мешавина од неколку настани, се работи за независно новинарство, за корупција и измама, некој е во истражна постапка, а потоа ја имате опозицијата која го напушта парламентот. Значи различни настани, но сите се некако поврзани. Во врска со напуштањето на парламентот од опозицијата...парламентот е место каде треба да се дискутира за најсуштинските прашања, па ова не најдоброто да се направи во едно демократско опкружување. Тоа можеби кажува нешто за начинот на кој опозицијата ја перцепира атмосферата во парламентот, или општата политичка клима во земјата. Мислам дека сега е крајно време за сите партии да најдат заеднички јазик, да почнат фундаментална дискусија, како да се почитуваат во политичка смисла, како меѓусебно да се почитуваат, како владиното мнозинство да покаже повеќе почит кон малцинските партии и обратно. Значи да се создаде поконструктивна политичка клима подготвена за сите реформи што треба да ги оствари оваа земја на нејзиниот пат кон Европската Унија, бидејќи тоа е главниот приоритет на сите засегнати партии. Тие сакаат Македонија да стане член на ЕУ и НАТО. А, строги реформи се потребни за тоа. Дел од нив треба да се остварат во некои области кои сега стануваат очигледни, слобода на медиумите, независно новинарство, правото на македонските граѓани да бидат правилно, независно и неселективно информирани за случувањата тука, во Европа и ширум светот. Потоа, тука е и политичкиот дијалог, односно отсуството на дијалог, како што се посочува и во последниот извештај на Европската комисија за 20110 година. Значи овие прашања се дел од клучните прашања кои се важни за пристапните преговори на Македонија во Унијата.

Според некои во земјата има политичка криза, други пак не се согласуваат со оваа констатација. Како и да е се споменуваат предвремени избори како излез. Дали според вас предвремените избори можат да решат нешто?

Не би можела да кажам бидејќи јас не сум политичар во оваа земја. Во суштина, ваквите длабоко вкоренети прашања треба да се решаваат во рамките на друг процес. Изборите никогаш не се решение за недостатокот на политички дијалог. Бидејќи ако по изборите имате ситуација кога не се променило нешто во начинот на кој партиите се врзуваат или дискутираат меѓусебе или начинот на кој институциите функционираат, ништо навистина нема да се смени. Значи, политичарите ќе одлучат дали е време за предвремени избори, тоа е право на политичкото лидерство, но многу поважно е како институциите работат, како политичките партии или државните службеници се соочуваат со проблемите, тоа е многу поважно од работите кои можат да се решат со избори.

По се што се случи, имате ли впечаток дека земјава се оддалечува од Европската Унија и НАТО? Какви се македонските перспективи во овој момент?

Ако ги гледаме извештаите од 2009 и 2010 година на Европската комисија, да, има многу работи кои треба да се имплементираат, во клучни области како судството, некои прашања поврзани со човековите права, антидискриминација, реформи во јавната администрацја, полицијата, затворите - знаете има многу области на кои им треба длабоки реформи, но се на се, и комисијата оценува дека Македонија е се уште на патот кон претпристапни преговори. Потврдена е препораката за ЕУ да отпочне претпристапни преговори со оваа земја, значи тоа е веќе утврдено. Ние сакаме Македонија да ја продолжи процедурата. За жал, гледаме дека некогаш одредени политички елементарни прашања ја спречуваат земјата да се фокусира на важните реформи. А, за тоа е потребен национален консензус, бидејќи овие реформи не се нешто што не може да се спроведе „со лесно срце“, посебно не во ситуација кога истите постојано се оспоруваат. Треба да се здружите. Секако може да има и одредени политички различности, но се на се земјата треба да остане на патот кон евроинтеграциите и некои политички играчи треба да го следат тој пат.

Во пресрет на новата средба меѓу медијаторот Нимиц и преговарачите идната недела, амбасадорке дали прашањето за името останува клучно за нашето членство во ЕУ и НАТО?

Во основа, евроинтеграциите се суштинското прашање за Македонија, напредокот во имплеметациијата на сите закони и прописи кои се потребни. Македонија има огромна одговорност во спроведувањето на сите европски закони и прописи, вклучувајќи ги и политичките. Но секако, гледаме дека прашањето за името станува мултилатерално и се претвори во сопка за Македонија при преземањето на следните чекори. Втората фаза од договорот за Стабилизација и асоцијација Македонија не го започна токму поради ова прашање, претпристапните преговорите заглавија токму поради ова прашање, поради него Македонија не стана членка на НАТО, не доби покана за членство. Значи, да ова прашање игра голема улога, особено во перцепцијата на граѓаните. Тие се чувствуваат фрустрирано и изолирано и мислам дека е потребно храбро и искрено лидерство од двете страни, и од македонската и од грчката страна, за да се ослободат од ова прашање. Македонија и Грција ќе останат соседи засекогаш, ќе мора да бидат партнери засекогаш зошто сакаат да бидат дел од исти организации, и не можеме да увезуваме билатерални прашања како ова. И што поскоро се реши тоа, толку подобро ќе биде за Македонија и таа што поскоро ќе може да ги рашири своите крила и да летне кон членство во Европската Унија.

Прави ли според вас власта се што треба за да се реши спорот со името? Како ја оценувате стратегијата на македонската страна?

Искрено, се надевам. Не можам да кажам ништо за нивната стратегија оти во овој момент таа не е позната.

Деновиве бевме сведоци на еден немил настан, блокирањето на сметката на првата приватна телевизија во земјата, А1. Во тој контекст, како ја оценувате слободата на медиумите во земјава?

Мислам дека беше јасно кажано и во извештајот за напредокот на ЕК и во дискусиите меѓу земјите членки и Македонија дека постојат нездрави релации меѓу бизнисот и медиумите во Македонија, дека има влијание од бизнисмените и политичките струи врз уредувачките политики на одредени медиуми и дека слободата и независното новинарство се доведени во прашање како резултат на овој конфликт на интереси. Ако гледате дека два медиуми се во сопственост на пратеници во парламентот, тоа е секако ситуација која не е пожелна. Мислам дека е важно да се дискутира за ова, да се обидеме да ги поделиме улогите во општеството и секако медиумската слобода треба да биде загарантирана, исто како и незавсноста на новинарите. Мислам дека ова е особено важно прашање кое стана особено важно во последните неколку недели и тоа треба да се реши што побрзо.

Се почитува ли доволно правото на говор во оваа земја?

Има многу слобода на говор, но дали тој е секогаш насочен во вистинскиот правец, е друго прашање.

Се движи ли Македонија во посакуваниот правец во однос на демократскиот развој?

Мислам дека од многу аспекти Македонија покажа дека иако е млада земја и е во процес на зреење во однос на демократскиот развој, покажа дека е посветена на демократијата. Да, тука и таму може да се видат одредени слабости во системот и дека секогаш ќе има луѓе кои ќе ги користат тие слабости. Мислам дека тоа бара поодговорно однесување од политичкото лидерство, посебно во времиња кога има силно владиното мнозинство од две третинско мнозинство во парламентот, треба индиректно да се понесе таа одговорност и да се почитуваат правилата на игра.

Кога последен пат разговаравме, рековте дека Македонија е непозната за холандските инвеститори и дека правите се да ја промовирате во тие кругови. Дали успеавте во тоа и може ли да кажеме дека земјава стана поволно место за нови инвестиции?

Секако дека Македонија стана попозната за холанѓаните, вклучувајки ги и холандските инвеститори. Успеавме преку туристичките оператори да ги привлечеме луѓето, па оваа година ќе има дуплирање, ако не и тројно зголемено присуството на холандски туристи во Македонија, што е многу позитивно. Исто така за тоа помогнаа и одредени реклами кои владата ги промовираше и кои се емитуваа во Холандија, Македонија тајмлес и спотот за предностите за инвестирање во Македонија. Секако кога некој ќе дојде тука треба да се најде во ситуација каде реалноста соодветствува на ветувањата од рекламите и брошуите. Да, мислам дека е направен голем напредок на хартија, во согласност и со извештајот на Дуинг бизнис, но мислам дека владата мора да направи се за тие реформи да не останат само на хартија, туку да ги имлементира во практика и да ја направи земјата многу интересно место за инвестирање од страна на нови компании. Ова може не е земја позната по инвестиции, може не е првата земја по која ќе посегнат инвеститорите, но може да биде интересна опција како клучна за останатиот дел од Балканот, но мора да направат се за да ги исполнат ветувањата.

Ако ја споредиме Македонија со другите земји од западниот Балкан, имате ли впечаток дека назадуваме во однос на евроинтегративните процеси?

Не, вие не се враќате назад, туку другите забрзано се движат напред. На пример Србија откако, нејзината популација се одлучи за европска интеграција и одбраа проевропска влада, може да се види нивниот брз напредок. Црна Гора е исто на тој пат. Да, понекогаш животот е еден вид натпревар, го видовме тоа во минатото како неколку земји кандидати се натпреваруваа кој е најдобриот ученик во класот. Македонија беше најдобриот ученик, но другите ја стигнаа. Затоа ќе кажам дека треба многу добро да ја завршите вашата домашна задача за да останете најдобриот ученик во класот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG