Достапни линкови

Живот на граница


Селото Татариновац, се наоѓа на самата македонско српската граница

Селото Татариновац, се наоѓа на самата македонско српската граница

Жителите од селото Татариновац живеат на самата македонско-српска граница. Живеалиштата им се во Македонија, а земјоделските имоти на српска територија.

Сточарството е егзистенцијалната определба на мештаните од пограничното село Алгуња, маалото Татариновац, на самата македонско-српска граница. На 26 километри по асфалтен пат од Куманово, стотина жители од ова маало живеат современ селски живот, а најважно е тоа што имаат околу 35 деца до средношколска возраст. Тие раскажуваат дека во нивната средина се релативно млади луѓе кои немаат намера да ги напуштаат родните огништа. Граничните маркери и граничната полиција, како што раскажуваат, не се пречка тие да ги
На слави и свадби одиме и легално и на црно. Некогаш граничната полиција не запира и не враќа назад кога треба да одиме на веселба на другата страна, а некогаш пак не приведуваат кога се враќаме, но тоа е инцидентно.
обработуваат нивните имоти кои останале во соседна Србија, како што и нивните соседи од срспкото село Славуевац за такви потреби преминуваат на македонската територија. Жителите од двете страни на границата ги поврзуваат и роднински и пријателски врски, а десетина деца на училиште по три километри пешачат до Славуевац.

„На слави и свадби одиме и легално и на црно. Некогаш граничната полиција не запира и не враќа назад кога треба да одиме на веселба на другата страна, а некогаш, пак, не приведуваат кога се враќаме, но тоа е инцидентно“, раскажува Синиша Трајковиќ од Татариновац.

Тој и неговиот брат Љубиша со семејствата одгледуваат свињи во нивната мини фарма. За сега имаат 50-ина мајки и над 200 прасиња. Иако сакаат производството да го модернизираат, не можат да добиваат кредити поради нелегализираноста на објектите, иако нивната мини фарма е единствена од таков вид во Општината Старо Нагоричане. Имаат проблеми и со пласман на производството. А кога тој проблем ќе го надминат, браќата Трајковиќ размислуваат за преработка на месото.

Новица Анѓелковиќ, пак, со своето осумчлено семејство, откако не можел да се вработи во Куманово, го продал плацот во градот и изградил мини краварска фарма.

„Може да се живее од сточарство, ако има повеќе крави. За сега кравите одат на пасишта, а за осовременување треба да имаме повеќе крави и цената на млекото да е 23 денари. Лете има повеќе работа, жетва, косидба, а зиме е полесно.“

Тој планира во блиска иднина фармата да ја прошири за уште пет крави. Татариновац има асфалтен пат и двапати дневно редовен превоз. Мештаните имаат сопствен водовод од нивните бунари, имаат телефонски врски, користат интернет кој се уште е бавен, но се надеваат дека и тој проблем ќе биде надминат. Во нивната еколошки чиста средина, како што велат, има услови и за развој на селски туризам, зашто според нив имаат што да им понудат и да им покажат на гостите.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG