Достапни линкови

Полска оди на втор круг претседателски избори


Бронислав Коморовски

Бронислав Коморовски

Предвремените претседателски избори во Полска ќе имаат и втор круг, откако ниту еден од кандидатите не доби повеќе од 50 насто од гласовите. Триесетте милиони граѓани со право на глас ќе решаваат меѓу либералот Бронислав Коморовски и конзервативецот Јарослав Качински.

Вчерашното гласање беше одржано, откако претседателот Лех Качински и 95 други лица, вклучувајќи ја и неговата сопруга, како и многумина членови на политичка и воена елита на Полска загинаа кога нивниот авион се урна на 10 април при обидот да слета во Смоленск во западна Русија. Државната изборна комисија соопшти дека резултатите од избројани повеќе од 94 проценти од гласовите покажале дека претседателот на парламентот Бронислав Коморовски кој е вршител на должноста шеф на државата освоил околу 41 насто.
Би сакал да им се заблагодарам на сите оние што ме поддржаа, од работата во мојата кампања, до едноставното ракување и насмевка или изглед. Ви благодарам и барам повеќе.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите оние што ме поддржаа, од работата во мојата кампања, до едноставното ракување и насмевка или изглед. Ви благодарам и барам повеќе.“

Поранешниот премиер Јарослав Качински, инаку брат близнак на починатиот претседател, го освои второто место со речиси 37 проценти од гласовите.

Качински и Коморовски, за кој се смета дека е полиберален во врска со некои социјални прашања од конзервативниот Качински, сега ќе се соочаат уште еднаш на 4 Јули на вториот круг од изборите. Качински пред симпатизерите на собирот во Варшава по вчерашното гласање изјави:

Јарослав Качински

„Ова не се нормални избори. Тие се резултат на несреќа и на огромна трагедија. Тие се избори и за она што треба да направите со земјата во иднина.“

Качински прецизираше дека во вториот круг ќе се избира меѓу две визии за Полска. Имено, еден од аргументите на Качински во предизборната кампања беше дека за полската демократија би било погубно целата власт, владата и претседателот, да бидат во рацете на една партија.
Ова не се нормални избори. Тие се резултат на несреќа и на огромна трагедија. Тие се избори и за она што треба да направите со земјата во иднина.


Но, токму тоа беше случај во Полска кога од 2005 до 2007 година власта беше во рацете не само на една партија на Правото и правдата, туку и во рацете на едно семејство. Лех Качински беше шеф на државата, а неговиот брат Јарослав премиер.

Сегашниот премиер Доналд Туск од владејачката Граѓанска платформа од каде што е и 58-годишниот Бронислав Коморовски изјави дека вчерашниот резултат бил одличен и оти очекува конечна победа на вториот круг.

„Во животот и во фудбалот најтешка е завршницата. Треба да бидеме свесни за тоа“, изјави Коморовски по објавувањето на првичните резултати.

Победникот на вториот круг од изборите ќе отслужи петгодишен мандат како шеф на Полска, земја членка на Европската унија и на НАТО.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG