Достапни линкови

logo-print

Полската политика по големата трагедија


Варшава

Варшава

Како што Полјаците жалат за загубата на нивниот претседател и на голем број цивилни и воени раководители, така почнаа и размислувањата за можните последици од саботната авионска несреќа за политичкиот пејзаж на Полска. Коментаторите велат дека се уште не се извесни целосните реперкусии од саботната трагедија, невидена загуба на политичката елита во земјата.

Полјаците деновиве живеат во исклучителна ситуација, која според некои проценки, се протега надвор од границите на имагинарното. Претседателот Лех Качински и други високи политички, воени и финансиски лидери, вклучувајќи ги и воениот шеф на државата и гувернерот на Централната банка, се меѓу стотината загинати, кога нивниот авион се урна во близина на Смоленск во западна Русија.

Најитно, трагедијата значи нови претседателски избори кои ќе бидат одржани во рок од шеесет дена, наместо редовните кои беа закажани за октомври годинава. Но, се друго останува неизвесно, вели Роберт Maзурек, новинар во полскиот весник Речпосполита. Тој забележува дека меѓу загинатите се двајца за кои се очекуваше дека ќе се кандидираат на изборите, самиот претседател Качински и Јиржи Шмајчински од левичарската опозиција.
Загубивме двајца важни кандидати. Дури сега не знаеме кој ќе се трка со оглед на тоа што изборите треба да се одржат за два месеца. Без да се одговори на ова прашање, ние не можеме да размислуваме за натамошната политичка иднина на Полска.

„Во рок од две недели ќе видиме кој ќе влезе во претседателската трка. Загубивме двајца важни кандидати. Дури сега не знаеме кој ќе се трка со оглед на тоа што изборите треба да се одржат за два месеца. Без да се одговори на ова прашање, ние не можеме да размислуваме за натамошната политичка иднина на Полска.“

Смртта на Качински, заедно со помошниците и пратениците е удар за неговата Партија на законот и правото која и онака беше зад Граѓанската платформа на премиерот Доналд Туск. Има и такви кои шпекулираат дека симпатиите околу трагедијата може да и даде поттик на партијата на загинатиот претседател, предводена од неговиот брат близнак Јарослав.

„Ние можеме да претпоставиме дека владејачката Граѓанска платформа исклучително ќе зајакне и ќе стане премногу моќна или дека Партијата на законот и правдата ќе го искористи бранот на емоциите за трагедијата. Но, да бидам искрен, со вакви шпекулации сега не се мачат Полјаците.“

Рафал Чведорук, политички научник од Универзитетот во Варшава, вели дека очекува пригушена изборната кампања, бидејќи сите политички елити, со оглед на ситуацијата, ќе бидат ставени на испит за кој воопшто не се подготвени.

Повеќето коментатори сепак се согласуваат дека трагедијата не треба да има некакво влијание врз политичката стабилност на Полска. Канцеларијата на претседателот е претежно церемонијална во однос на владата. Притоа се додава дека Полска е членка на Европската унија и на НАТО, што пак од друга страна, значи дека нема да има промени во надворешната или во економската политика.

Авионот со претседателот Качински се урна на пат за одбележување на 70 годишнината од масакрите во Катин, кога Советската тајна полиција, по наредба на Сталин, егзекутира повеќе од 20.000 полски офицери.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG