Достапни линкови

Ќе донесе ли пандемијата со ковид 19, епидемија на болни од рак?


илустрација
илустрација

Во услови на пандемија, пациентите кои имаат рак навреме ја добиваат својата терапија. Но лекарите признаваат дека чекање има за прегледите со кои се утврдува дали пациентот има малигно ткиво. Додаваат дека ненавременото откривање на ракот, ќе го зголеми бројот на такви пациенти по ковид кризата

Веста што пред две години ја слушнала младата Аринета Абдуши од Дебар, целосно ќе го промени нејзиниот живот, правејќи и ја иднината уште понеизвесна. Непосредно пред почетокот на пандемијата со ковид 19, лекарот и ја потврдил дијагнозата. Имала рак на дојка. Од тој ден натаму, таа ја започнува својата борба со лошата болест.

„И одеднаш почнуваш сѐ одново. Животот ми се смени комплетно, размислував што понатаму, како ќе биде, дали ќе издржам, како ќе ги поднесувам ли терапиите, верувајте, тоа е една голема борба... Прво се оперирав, а потоа почна лечењето, започнаа хемотерапиите. Тешко ми беше, многу повраќав, а после секоја терапија следуваше една недела со инфузии за да си ја повратам силата“, се присетува Аринета на болните моменти.

Независно од новата реалност и ширењето на корона вирусот, пропратено со сите протоколи и мерки за заштита од опасниот вирус, Аринета била редовен посетител на болничките ходници. Две години подоцна, таа се уште оди на редовни контроли, а ракот повеќе го нема.

Пановска-Ставридис: Не чекајте, прегледајте се навреме од лимфом
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:40 0:00

Слично искуство има и 29 годишната М.Н. од Скопје. По низа испитувања, чекања за термини, прегледи и мислења од специјалисти, најпосле и се потврдиле сомневањата. И таа имала карцином на дојка.

„Е, тогаш почнаа проблемите, за наоѓање термин за ехо кај радиолог- специјалист, па чекање, па неизвесност и откако со биопсија ми потврдија дека имам малигно ткиво, веднаш требаше да се направи операција. Се одлучив да се оперирам во приватна клиника бидејќи знаев дека за да добијам термин за операција требаше да барам луѓе и врски за да се забрза процесот, а немав ниту сила, ниту волја за такво нешто“, раскажува М.Н.

Овие две жени се дел од околу илјада пациентки кај кои во измината година била потврдена дијагнозата рак на дојка. И двете наши соговорнички раскажуваат дека, во целиот овој период додека трае пандемијата, пациентите на онкологија немале проблем со навремен третман, редовни контроли и прегледи од специјалистите на Клиниката за онкологија.

„Јас ги правам редовните тримесечни прегледи и искрено да ви кажам дека во овие две години само еден преглед ми беше одложен за околу еден месец, што реално не ми смени ништо значајно“, вели младата скопјанка за третманот кој го добиваат овие пациенти.

За разлика од други клиники каде што некои одделенија беа претворени во ковид центри, Клиниката за онкологија беше отворена за своите пациенти и тие во изминатите две години ја добиваа потребната нега и терапија, уверува и првиот човек на Клиниката за онкологија, доктор Нино Васев.

„За време на целата пандемија, ние се справивме многу добро. Можеби заборавивте дека имавме период кога бевме во карантин, но ние и тогаш заедно со Црвен крст, таблетарната терапија им ја носевме дома на нашите пациенти. Онколошката терапија која мораше да ја примаат на клиниката, ја примаа со специјална дозвола и практично, ние никогаш не престанавме со работа. Можеби бројот на пациентите се намали за само 10 проценти во тој период, но после се нормализираа работите. Контролите на жените со рак на дојка кои требаше да се прават можеби не се одвиваа навремено, но сепак главни знаци за контрола се некои симптоми, така да тие пациентки не беа ускратени за преглед и немаше никаков проблем“, вели доктор Васев.

Сепак, Васев укажува на тоа дека извесни отстапувања во процедурата имало кај оние прегледи со кои се испитува болеста, како на пример на радиологија- магнетна резонаца,ехо, мамографија и сл. прегледи за кои не можело да се најдат термини, бидејќи дел од клиниките беа ковид центри.

„Сега е нормализирана состојбата, независно од омикронот, термини за операција има, се закажуваат за 3 до 4 месеци, ама така е насекаде во Европа. Сепак за радиолошките прегледи можам да кажам дека сигурно се ускратени на многу места во земјава“, вели доктор Васев.

Ракот низ бројки

Според извештајот за Институтот за јавно здравје (кој се однесува на состојбата со ракот во периодот од 2011 до 2020 година), во годината пред пандемијата, односно во 2019 година биле дијагностицирани 7463 пациенти со рак, од кои мажи се 4067, а жени 3396. Таа година починале 3801 пациент.

Во пандемиската 2020 година новодијагностицирани се 6638 пациенти, од кои мажи 3556, а жени 3082. Починале 3913 пациенти. Статистички податоци за 2021 година сѐ уште нема, но очекувањата се дека бројот на новооткриени пациенти со рак ќе биде 7872.

Во истиот извештај се наведува дека најзастапени дијагнози на рак кај машкото население се малигната неоплазма на бронх и бел дроб со 18.80% од вкупно пријавените случаи, потоа следи малигна неоплазма на простата, па други малигни неоплазми на кожата, желудникот итн.

Најзастапени дијагнози во последните десет години кај женското население се малигната неоплазма на дојка со 25.29% од вкупно пријавените случаи, други малигни неоплазми на кожата,потоа следи малигна неоплазма на телото на утерусот, бронх и бел дроб итн.

Анализирано ,според здравствените региони, малигна неоплазма на бронх и бел дроб во апсолутни бројки најмногу е застапена во Скопје, просечно за 10 години на годишно ниво има 297 случаи со стапка од 44 случаи на 100 000 жители. На 100 000 жители највисока стапка од 57 случаи има во регионите на Димир Хисар и Гевгелија. Карциономот на дојка е најповеќе застапен во Скопје, просечно за 10години на годишно ниво има 290 случаи со стапка од 91 случаи на 100 000 жители женсконаселение. На 100 000 жители највисока стапка од 98 случаи има во регионот Свети Николе, а потоа следи регионот на Берово со 96 случаи.

Пандемијата ја намали инциденцата на лимфоми во Македонија

Прогнозите на светските здравствени експерти се дека по пандемијата нагло ќе порасне бројот на болни од рак, пред се поради задоцнето и ненавремено откривање на болеста. Такви се проценките и на Универзитетската Клиника за хематологија. Според последните испитувања, инциденцата на лимфоми расте глобално, па така бројот на новодијагностицирани од лимфом во периодот од 2018 до 2020 бележи пораст од 6,8 проценти. Инциденцата на лимфоми во балканските земји во нашиот регион се движи во границите од 7, 7 до 10,2 отсто додека во Северна Македонија таа изнесувала 3, 7 во 2017 година, 3, 1 во 2019 година, па се до 2,6 проценти во 2020 година.

Она што е симптоматично, е што кај нас пандемијата со ковид 19 предизвикала 14 проценти помалку новодијагностицирани пациенти со лимфом во 2020, наспроти 2019 година, а бројката опаѓа и во 2021 година, предупредуваат од Клиниката за хематологија. Тоа не значи дека бројот на пациенти со лимфом се намалува, туку дека навреме не се откриваат овие случаи, објаснува директорката на Клиниката за хематологија, професор Ирина Пановска-Ставридис.

„Ние очекувавме дека и минатата година ќе имаме зголемен број на пациенти со лимфоми, меѓутоа лимфомот е едно заболување кое не се манифестира веднаш, тоа се всушност малигни заболувања на лимфните клетки кои можат да бидат агресивни или индолентни, односно ниско малигни. Тие немаат некаква изразена симптоматологија поради која пациентот би побарал помош, туку полека се развиваат и шират низ телото. Кога ќе дојдат порано и кога ќе ги дијагностицираме навреме можноста за излекување на тие пациенти е огромна. Тие пациенти со ниско малигни лимфоми воопшто не ни дојдоа на нашата клиника во овој период. За разлика од нив, пациентите со агресивни лимфоми се појавија и од анализите ќе видиме дека кај нас околу 70 насто се пациенти со агресивни лимфоми кои наместо да дојдат во ран стадиум, дошле во четврти стадиум кога лекувањето или излекувањето е сѐ понеизвесно“, објаснува професорката Пановска-Ставридис.

Иако пандемијата ги стави на чекање другите болести и за сите постоеше само една болест- ковид 19, Пановска-Ставридис апелира до пациентите, но и до матичните лекари да обрнат внимание и на другите прегледи.

„Матичните лекари се повеќе се ориентирани кон пациентите со ковид, уплашени за сопственото здравје, се помалку ги викаат пациентите на прегледи и им обраќаат внимание. Апелирам до нив да не ги забораваат симптомите на лимфомот и навреме да ги упатат пациентите до нашата клиника. Друг проблем е што најголем број од ресурсите беа пренаменети за дијагностика и третман на ковид 19 со тоа што пациентите со лимфоми останаа во втор ред“, вели Пановска-Ставридис.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова -Дервишова уверува дека такви прегледи прават, особено кога некој од пациентите се пожали на некои симптоми.

„Да, јас ги прегледувам моите пациенти. Мислам дека нема професионалец кој нема да направи преглед ако пациентот се пожали дека напипал некое задебелување на лимфен јазол. Последната пациентка кај која открив лимфом, е сѐ уште пациент на Клиниката за хематологија. И оттука апелирам дека преку телефон не може да се лекува, дека е потребен физички преглед на пациентот за да се дијагностицира навреме одредена болест“, вели Чолакова-Дервишова.

Во анализираниот десет годишен период, во болничко-стационарен здравствен систем просечно на ниво на една година се лекувани 30 304 пациенти од малигни заболувања, што претставува 11, 78 отсто од просечниот број на вкупно лечените пациенти на годишно ниво.

Анализата на Институтот за јавно здравје покажува зголемување на бројот на пациенти со малигни неоплазми кои се лекуваат во болничко-стационарниот дел на здравствениот систем. Во 2020 година, 15, 76 проценти од вкупниот број на пациенти биле лекувани од малигни заболувања, додека нивниот престој во болницата бил 22, 39 проценти од должината на престојот на сите пациенти.

Светските научни кругови прогнозираат пандемија на малигни болести по завршувањето на пандемијата со ковид 19, но лекарите со кои разговаравме велат дека шансите за излекување на ракот кај некои органи се подобрени со новите терапиии и навременото дијагностицирање.

Од Универзитетската клиника за онкологија велат дека смртноста кај пациентите со канцер на дојка е намалена, а со современите лекови и терапија, животниот век кај пациентите со рак на бели дробови е зголемен за 30 до 40 проценти.

Младите жени кои на почетокот ни ја раскажаа својата лична борба со ракот се надеваат дека хемотерапиите и зрачењата се минато за нив, но испраќаат порака до сите жени редовно да се контролираат и да прават превентивни прегледи, зошто како што велат, ракот може да му се случи секому.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG