Достапни линкови

Од „камшик“ за администрацијата до скратен петок


шалтери за оценка на услугата во јавна инситуција
шалтери за оценка на услугата во јавна инситуција

СДСМ ветуваше дека целата држава ќе се впрегне во служба на граѓаните и дека институциите ќе работат во две смени. ДУИ, пак, вети работно време во петок до 13 часот, за да имале време за семејството. Сега се предлага работната недела за административните работници да трае 36 часа.

Владејачката партија, СДСМ, во своите изборни програми во 2016 и 2020 ветуваше дека администрацијата ќе биде во служба на граѓаните, дека дел институции ќе работат во две смени за да може услугите да бидат достапни до сите. Премиерот Зоран Заев за средување на проблемите во администрацијата најавуваше и камшик, проветрување, а се нудеа и административци на приватниот сектор. Сега најново е што се предлага административните службеници да работат со скратена работна недела за четири часа.

Предлог Законот за административни работници со кој административците ќе работат по 36 часа неделно, наместо по 40 е поставен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Професорот по администрација Темелко Ристески вели дека намалувањето на работното време не е еден од начините да се средат работите во администрацијата.

„Туку гледам процес на отуѓување на администрацијата од граѓаните, наместо да им биде сервис. И со новиот предлог се одело кон тоа да се добијат некои привилегии за администрацијата, да имаат продолжен викенд, инаку тоа е спротивно на начелото на сервисна ориентација на администрацијата кон граѓаните“, вели професор Ристески.

По реакциите во јавноста, премерот Зоран Заев рече дека предлогот за покусо работно време е на коалиционен партнер.

„Како народ, треба повеќе да работиме, не помалку. Но, како ветување предизборно на политичките партиципиенти во власта, тоа е ставено на ЕНЕР и допрва ќе се отвора дискусија за ова прашање. Верувам дека граѓаните ќе си кажат тоа што е реалноста во државата, а реалноста е дека сите ако сакаме швајцарски плати, треба да работиме многу повеќе“, рече премиерот Заев.

Тој вели дека ковид-пандемијата покажалa дека системот може да функционира и ако на работа одат само 38 отсто од вработените во администрацијата. Заев вели дека администрацијата во 2016 година броела 165 илјади, а сега има 132 илјади вработени. Тој вели дека треба да се направи дополнителна рационализација на администрацијата.

Аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека се потребни длабински реформи за администрацијата која сега е неефикасна. Предлозите за пократко работно време нема да и ја зголемат ефикасноста, вели тој.

„Ние треба да учиме од другите администрации, како на пример што е холандската, од каде мислам дека е преземено и ова со скратеното работно време, но да преземеме други пракси, а не работното време. Оваа реформа што се предлага во време на изборен циклус секако може да се гледа и од аспект дека владата сака да ги привлече административните службеници, оти тие се голем број на потенцијални гласачи“, вели Селими.

Со години истражувањата покажуваат дека вработувањето во државна служба е поатрактивно. Па овој предлог за покусо работно време, доколку се реализира, може дополнително да ја направи работата на државно попривлечна, вели професор Ристески.

„Нормално дека ќе придонесе во извесна мера и во таа насока, да биде попривлечна за младите, можеби нема да придонесе многу, но сепак ќе придонесе. Ако работиш до 12 часот, практично се одбива половина викенд повеќе, се добива време. Секоја поволност во еден сегмент од јавниот сектор влијае привлечно за луѓето“, вели професор Ристески.

Во изборната програма на СДСМ од 2016, во делот на администрацијата стои дека „Целата држава ќе се впрегне во служба на граѓаните. Во администрацијата нема да има отпуштања. Клучните институции ќе работат во две смени.“

Во предизборната програма 2020 се наведува дека администрацијата мора да им служи, а не да им биде товар на граѓаните.

„Ја намалуваме администрацијата за 20 проценти. Во администрација ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните“, стои во програмата на СДСМ.“

Понатаму се нотира дека во неколку институции - Управата за водење на матичните книги, Управата за јавни приходи и Агенцијата за катастар на недвижности, воведена е работа во две смени (до 19.30 часот, односно до 21.30 часот), со што се обезбедува реализирање на клучни права и услуги за сите граѓани.

Скратено работно време за администрацијата во петок, беше предизборно ветување на ДУИ на минатите избори. Партијата предлагаше во петок да се работи до 13 часот, за да имаат вработените време да му се посветат на семејството.

Професор Ристески вели дека владините партнери треба да си ги „испеглаат“ ставовите по одредено прашање, во случајот за администрацијата.

Премиерот Зоран Заев пред референдумот за името во 2018 на граѓанските трибини, како дел од коалицијата „За европска Македонија“ рече дека евроинтеграциите освен што носат вредности и стандарди, носат и обврски.

„И не да кажувам, ќе кажувам плус. Тоа значи камшикар! Доаѓаат овде да не потсредат малку, заради тоа што мораме и да се средиме. Оти дел од администрацијата сабајлето во 8.30 е на работа, кафето, нога преку нога, хахах-хихуху, весникот и ајде по кафичите. Не, не, има да работите во 8 саат ако сакаме Европа, а ќе има плати и по две и по три илјади евра“, рече Заев на средба со граѓаните во Струга во 2018.

Следната година владата работеше на пакет мерки со кои вработените од јавниот сектор, кои ќе бидат идентификувани како прекубројни, се нудеше да заминат во приватни фирми.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG