Достапни линкови

Корона криза и мерки - угоре високо, удолу длабоко


Илустрација - протест против рестриктивни мерки
Илустрација - протест против рестриктивни мерки

Со есента кога се враќаат некои ограничувања и поради растот на бројот на заразени од корона вирусот, дел од граѓаните се незадоволни од мерките на Владата и покажуваат отпор. Други ги почитуваат протоколите и тоа го бараат и од нивните сограѓани. Кој е во право, Владата или тие што се бунтуваат?

По осум месеци од пандемијата нема истрaжување колкав процент од граѓаните ги почитуваат мерките за борба прoтив вирусот, но се гледа дека има и организирања на отпор од разни групи незадоволни граѓани. Едни се нервираат зашто го немаат вообичаеното секојдневие, додека други здравствено се чувствуваат загрозени порaди оние кои не ги почитиваат мерките.

Незадоволство има и кај угостителите и музичарите кои се одлучија на протест откако властите со најновите мерки забранија да има музичари и ди-џеи во локалите и воведоа и други рестриктивни ограничувања.

Тие реагираат дека до ова доаѓа во исто време кога властите овозможија слободен влез за граѓани од регионот без тестови за ковид, а угостителите поради неколку локали кои не ги почитувале мерките ја плаќаат цената за сите.

Експертите велат дека се забележува оти има различни гледања меѓу граѓаните за мерките на властите, но оти не може да се каже кој е во право- владата или тие што се бунтуваат, дополнувајќи дека пропусти има и кај двете страни.

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) смета дека ситуацијата е комплексна, дополнувајќи оти Владата се обидува со едно решение да ги задоволи сите и дека тоа очигледно не функционира.

Во изминатите денови, иако здравствените власти објавуваат зголемени бројки на заразени, паралелно со тоа во јавноста излегуваа и информации за журки без протоколи во некои градови, меѓу кои и во Скопје, а веќе во неколку наврати се спомнуваше и случајот со преполната дискотека во струмичкиот кафе бар Аватар.

Кржаловски укажува дека и Владата претходно направи грешки.

„Наместо да се санкционира строго каде што нема почитување и да се концентрираат таму каде што беа баш екстремни ситуации како дискотеки, каде што имаше и големи групирања и викање, што е исто така подложно за ширење на вирусот, се казнуваа луѓе кои не носат маски на улица, а веројатно воопшто не придонесуваат за ширење на вирусот, а вакви настани каде што има големо ширење остануваат неказнети" вели Кржаловски.

Како и да е, најголем проблем се чини е тоа што сега со доаѓањето на есента има потреба од заострување на мерките поради зголемениот број случаи, како што е и во цела Европа.

Тој вели дека по опуштеноста и неконтролираноста во текот на летото тешко е да се вратат луѓето и да ги почитуваат мерките особено што тоа некои не го правеа на сметка на други граѓани кои постојано одржуваат дистанца, носат маски во затворени простории и избегнуваат поголеми групирања.

Потребен е одмерен пристап и она што ќе се утврди како мерка да се почитува, вели Кржаловски, нагласувајќи дека и владата која ги води мерките треба да обезбеди контрола.

„Да се остави само на совеста на граѓаните нормално дека нема да функционира. Како да им викаме на крадците, немојте да крадете. Затоа е државата тука, да обезбеди функционирање и санкционирање. Но, затоа и мерките треба да се одмерени за да се бара што помалку интервенција од органите на прогонот", вели Кржаловски.

Тој дополнува дека очекува во наредниот период да се комлицира ситуацијата и незадоволствата да се зголемуваат со оглед на капацитетот на одговорот на државата.

Но со оглед дека и инспекторатот има само 10 инспектори, прашање е каде да стигнат тие побргу кога се имаат предвид сите мерки што се најавуваат.

Одредено незадоволство има и кај ученците

Во јавноста деновиве може да се види дека има одредено незадоволство и кај некои училишта по почетокот на школската година во октомври. За поголем дел од основните и средните училишта наставата е виртуелна, додека за 600 училишта се дозволи настава со физичко присуство .

Имаше бојкот на онлајн наставата во дебарската гимназија „28-ми Ноември“, а се одржаа протести на кои учествуваа ученици, родители и наставници. Тие побараа во гимназијата да се одржува наставата со физичко присуство, но потоа го прифатија решението на властите.

Но и неколку други средни училишта најавуваат бојкот поради виртуелната настава барајќи да им се овозможи настава со физичко присуство. Од друга страна, пак, има и родители кои стравуваат да ги пуштат децата на училиште сметајќи дека не се безбедни.

Петар Барлаковски од Младинскиот Образовен Форум вели дека незадоволството е поврзано пред се со наставата на далечина, поради фактот што недостасуваат доволно технички средства за виртуелна настава.

Но, тој го има на ум и фактот дека со почнување на карантинот и полицискиот час, особено од март до јуни, голем дел од средношколците не беа задоволни од онлајн наставата и претпоставува дека можеби затоа учениците сакаат да се вратат во клупите.

Меѓутоа, Барлаковски вели дека тој самиот не би можел да посочи кој е во право Владата или тие што се бунтуваат против мерките.

"Владата сака да го заштити јавниот интерес и особено да го заштити јавното здравје и делува согласно со препораките на Комисијата за заразни болести што е легитимна да дава насоки. Но разбирливо е и незадоволството на средношколците со оглед на квалитетот кој го добиваат преку виртуелната настава и техничките помагала кои ги немаат сите", вели Барлаковски.

Тој додава дека МОН порано требаше да размислува што ќе прави со образовниот процес, допололнувајќи дека сега преостанува сите да се адаптираат и да гледаат да тече наставата на најдобар начин.

„Како и да е, со оглед на ситуацијата и зголемените бројки на новозаразени во последните денови, логично е да се претпостави дека не е баш најпаметно да се вратат во училишните клупи затоа што по минимум осум саати треба да седат внатре во затворени простории што е идеална средина за ширење на вирусот. Дури и носење маски и дезинфекција, сепак, не може да биде единствено нешто што може да го спречи ширењето. Треба да се осигураме дека сите ќе носат маски во училиште што повторно бара одредено вклучување на училиштето во смисла на кадар дали наставен или технички во насока на тоа" вели Барлаковски.

Дали ако се почитуваат мерките ќе имаше помалку заразени?

Од 23 април во Македонија во сила беа олеснети мерки за борбата против ширењето на корона вирусот. Иако нема анкети кои ќе покажат колкава поддршка имаат мерките во јавноста, од она што може да го забележат и лекарите, мерките не се почитуваат од сите и затоа има десетина пати повеќе заразени.

Професорот Никола Пановски вели дека од медицински аспект мерките кои беа предложени на 23 април се добри.

"Маската, така како што е предвидено, ако ја носеа 90 проценти од населението ќе имавме 20 до 30 случаи заразени на ден, односно 10-ина пати помалку случаи ќе имаше" вели микробиологот Никола Пановски.

Професорот е загрижен дека може да има непочитување на мерките и масовни групирања и во претстојниот период а тоа може да донесе чекор по чекор да почне да се враќаат некои порестриктивни ограничувања.

Според неговото согледување, за растот на бројот на заболени се виновни и граѓаните и власта. Тој укажува дека проблем е што некои не ги почитуваат протоколите, но оти и власта не знае како да им пристапи на луѓето и воопшто дека сите политички лидери ја користат ситуацијата за да се препукуваат едни со други.

„Да ве потсетам, се кажуваше дека изборите треба што побргу да се организираат за да се среди кризата зашто тогашната техничка влада и министерот на опозицијата не реагирал остро и ги оставал да се шири вирусот. Сега гледаме дека немало врска тоа. Сега 10-ина журки и свадби се откриени, а има 10-ина пати повеќе што не се откриени. Нас не очекува тешка состојба, да не речам катастрофа, кога гледам ова сега што се случува. А, ќе се случува и натаму скришно во подрумски затворени простории и семејни собири. Гледам интелектуалци се собираат по родендени во затворени простории без да се почитуваат никакви протоколи и праќаат на фејсбук слики", вели професорот Пановски кој укажува и на проблемот со присуството на скептицизам кај луѓето во Македонија во врска со постоењето на вирусот.

„Релативно голем е бројот на луѓе кои не веруваат во вирусот, а кај младите тоа е веќе огромен процент", вели Пановски.

Незадоволството од мерките на владата за борба против ширење на вирусот изроди и протести на опозицијата. Но, експертите велат дека иако опозицијата бара оставки, нејзините претставници не кажуваат што не е во ред и дали Владата треба да казнува или не треба да казнува.

Професорот Пановски вели дека за спречување на ширење на корона вирусот најважано од се е луѓето да не се собираат масовно и во претстојните есенски и зимски месеци да заборават на дружења, слави, прослави и родендени, освен во најтесен круг на семејството.

Тој очекува властите да им укажат на луѓето дека доколку се избегнуваат поголеми групирања тогаш ќе нема рестрикции, но ако пак продолжи истиот начин на однесување како досега, дека ограничувањата може да бидат драконски.

„Ако свадбата е забранета претпоставувам има закон што да се прави со тие што ја прекршиле забраната. Јас сите би ги однел во карантин на нивни трошок", вели професорот Пановски.

Инаку тој посочува дека за разлика од Македонија, за споредба на пример во Канада, која е меѓу најдемократските земји, забрането е одење по гости со месеци со цел да се спречи ширењето на вирусот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG