Достапни линкови

За проблемите дома решението се бара надвор


Во јавниот градски превоз учествуваат само автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, приватните автобуси не возат од лани во ноември.
Во јавниот градски превоз учествуваат само автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, приватните автобуси не возат од лани во ноември.

Како да се стигне до работа? Ќе има ли државна матура? Како да се најде термин за лекар или да се заврши работа на шалтер без „врски“? Ова се дел од маките на граѓаните. Неефикасните институции, проблемите во здравство, образование...се високо на листата причини зошто луѓето се иселуваат од земјата.

Потешко е да стигнеш до центарот на главниот град, отколку да фатиш автобус за надвор од земјата, вели Весна од скопската населба Железара.

Иако живее само на неколку километри од центарот на градот, понекогаш чека и по повеќе до 40 минути да дојде автобус за градски превоз.

„Побргу ќе ти дојде автобус за во странство. Вадев карта да ја посетам ќерка ми, која се исели во Хрватска, во ист термин заминуваат три автобуси. Девојчето во туристичката агенција ме праша – Зошто вадам повратна карта? Сите други си извадиле во еден правец, од три автобуси, само јас планирам да се вратам“, вели таа.

Ситуацијата со јавниот превоз во главниот град е влошена во последните месеци, откако во градскиот превоз по штрајкот, не учествуваат приватните автобуси, па автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) ги презедоа и нивните линии.

Без врски не може да се заврши работа

И како што вели една реклама, „колку стресови подготви денот за вас“?

Додека чека да и дојде автобусот на памет и доаѓа уште една мака, како помалиот син ќе и положи матура. До ред неколку денови одржувањето на државната матура висеше на конец, поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), институција која ги спроведува овие тестирања.

„Прво немаа книги за сите предмети. Свидетелствата како и секоја година, може ќе им доцнат. Сите случувања оставаат последици. Стресот произлегува и од тоа што не знаеме каде цели нашето образование, што ќе не чека следната година, со што ќе треба да се справуваме“, вели таа и додава дека ништо во државата не може да се заврши без врски.

„На лекар не чекаш само кога одиш на матичен, а за друго тешко се доаѓа за термин за прегледи и затоа ќе си одиме на приватно и ќе си плаќаме. За документи нешто ако ти треба, мора да фатиш „врска“ и да влезеш преку ред за да завршиш некоја работа, инаку по цел ден треба да си чекаш“, вели таа.

Токму затоа нејзината постара ќерка одлучила да си замине од земјата, оти на ниту една врата каде што ќе тропнеш не можеш да си завршиш работа, додава Весна.

Генерација матуранти со едвај 200 дена на школо

Како децата ќе положат државна матура се прашува и Лидија од Скопје, мајка на двајца матуранти.

Генерацијата што сега матурира е посебна приказна, вели Лидија, оти сè на сè да им се собере дали 200 дена одеа активно на училиште. Оваа генерација учеше онлајн поради ковид – пандемијата, а оваа учебна година неколку месеци има прекини во наставата поради дојави за бомби.

„Се прашувам што ќе биде од нив и како ќе студираат, стресот сега ми е како ќе положат матура. Станаа како препарирани, ништо веќе не ги допира. Ја изгубија концентрацијата за учење, немаат концентрација книгата физички да ја држат“, вели Лидија.

Таа додава дека оваа генерација го пропуштила процесот на зреење, па иако како семејство се трудат да им го надополнат оној дел од воспитно-образовниот процес што го пропуштиле затоа што не одеа на училиштето, сепак не во целост успеваат во тоа.

„Го гледаш дека е анксиозно, а не смееш да го прашаш за оценки, знае дека таму има неуспех, нема знаење, и станува агресивно, не смее за училиште да се зборува, темата школо целосно се истурка, а таа треба да е централниот муабет на таа возраст“, вели Лидија.

Уште нема учебници, свидетелства...

Државната матура им е последен во низата стресови на родителите оваа учебна година. Школската година е при крај, а дел од учениците сè уште не ги добија сите учебници. Според законот, државата е таа која обезбедува бесплатни учебници за учениците, но годинава тоа не се случи за сите ученици, оти доцнеа тендерите. Минатата година учениците не добија свидетелства кога заврши школската година, а постои можност тоа да се случи и годинава, оти пак има проблеми со тендерите. Во текот на годината, родителите се вадеа од памет оти со месеци имаше дојави за поставени бомби во училиштата.

Вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), институција која ги спроведува тестирањата за државна матура, три недели штрајкуваа со барање за повисоки плати и тоа во согласност со колективниот договор. Се пожалија дека платите им се меѓу 20 и 26 илјади денари, што е под просекот во Македонија. Просечната плата во земјата е околу 34 илјади денари или околу 550 евра. Вработените во ДИЦ не добија повисоки плати, но го прекинаа штрајкот за да не трпи државната матура.

Граѓаните незадоволни, ниту очекуваат промени

Токму ваквите проблеми со функционирањето на институциите се една од главните причини зошто младите се селат од државата.

Според истражувањето на Интернационалниот републикански институт – ИРИ, објавено кон крајот на минатата година, македонските граѓани не се задоволни од тоа како живеат, но не очекуваат дека тоа ќе се смени на подобро.

Над половина од испитаниците (54 %) им се вложил квалитетот на живот, на 40 отсто им останал ист, а само на шест отсто им се подобрил. Истражувањето покажа и дека граѓаните не им веруваат на институциите, ниту пак имаат доверба во партиите.

Луѓе со куфери на скопскиот аеродром
Луѓе со куфери на скопскиот аеродром

„Тешко е кога детето ти е во странство, ама ако сака и малиот да се исели нема да ми кажам „не“. Масовно се селат, од тие што си бевме тука во соседството, и не само матурантот да заврши и да си бега, туку и родителите, цели семејства се селат“, додава Весна.


Последното истражување на Фондацијата Вестминстер од минатата година покажува дека две третини од младите сакаат да се иселат од земјава, а парите не се единствената, а често ни главната причина. Покрај нискиот квалитет на образование и ниските примања, квалитетот на здравството, животната средина и социо-политичките услови се дополнителни причини поради кои младите си заминуваат од државата. Граѓаните се жалат на политизација, корупција и не им веруваат на институциите.

Според последниот попис спроведен во 2021, а од кој податоци излегоа лани во март, покажа дека во Северна Македонија има 1,83 милиони жители. Ова е за 185 илјади помалку од претходниот попис во 2002-ра година. Расте бројот на стари, а се намалува бројот на млади и работоспособни луѓе. Ако во 2002-ра имало 907 илјади млади под 29 години, сега се 638 илјади, што е за 270 илјади помалку.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG