Достапни линкови

Матурира генерацијата која почна со Ковид, а завршува со „бомби“


Илустрација - Средношколци во центарот на Скопје
Илустрација - Средношколци во центарот на Скопје

Пандемија, онлајн настава, маски, губење настава поради штрајк и поради бомби го обележаа образовниот процес на актуелна генерација матуранти. Дел од нив може да имаат потешкотии во иднина поради специфичните услови во кои го поминале средното образование, сметаат експертите.

Оваа година матурира генерацијата на која уште во прва година ѝ се случи пандемија со Ковид-19 и онлајн настава. Пoтоа губеа часови и поради штрајкот на просветните работници, а последната година од средното образование им поминува и со дојави за бомби. Од четири години средно училиште не ги поминаа ниту половината во училишните клупи.

Периодот на средна адолесценција кај оваа возрасна група може да биде стресен од различни страни, вели професорката по развојна психологија, oд Институтот за психологија, Ана Фрицханд. Таа очекува кај некои од идните студенти да има можни тешкотии околу следните очекувања од себеси и професионалната ориентација. Но, потенцира дека не може и не треба да се генерализира, бидејќи некои се поотпорни, па подобро поминуваат, а други потешко се справуваат.

„Ако земеме предвид дека во тој период се формира идентитетот, се завршуваат низа развојни, да речеме пубертетски очекувања и задачи и се почнуваат нови како изборот на професијата, но пред сè барањето на себеси, јас очекувам дека, се разбира не кај сите, но кај еден добар дел тоа веројатно би било поголем предизвик. Дури можеби и за некого го отежнало тоа барање на себеси, можеби ја пролонгирало таа криза на идентитет низ која речиси сите адолесценти поминуваат - кој сум, што сум, каде сум, што понатаму, неизвесноста колку сето тоа ќе трае, како ќе се заврши, што следно ќе правам, какви ќе бидат студиите, ќе се снајдам ли... “, вели професорката.

Што им беше најголем предизвик на средношколците?

Пандемиските услови први им доаѓаат на ум на матурантите кога ќе се сетат на пречките во нивните средношколски денови.

Милена Милошевиќ, средношколка од „Никола Карев“
Милена Милошевиќ, средношколка од „Никола Карев“

„Одењето во училиште со маска беше преголема тешкотија, затоа што не можеш да се фокусираш на наставата, не си премногу заинтересиран, се нервираш затоа што си со маска. Потоа беше штрајкот кој понатаму ни ја одзема мотивацијата и рутината за настава. Сите овие случувања направија да постои еден деформитет во нашата образовна рутина, што ќе си има свои последици и понатаму ќе треба многу повеќе труд да се вложи за да може да се вратиме на она што некогаш било“, вели матурантката Милена Милошевиќ од скопската гимназија „Никола Карев“.

Оние кои се решени да одат напред, сепак, вели таа, ќе најдат начин да се прилагодат за да продолжат мотивирани и инспирирани.

За Андреј Ристиќ кој завршува четврта година во скопската гимназија „Корчагин“, онлајн наставата направила да се чувствуваат како роботи.

Андреј Ристиќ, матурант од „Корчагин“
Андреј Ристиќ, матурант од „Корчагин“

„Го изгубивме чувството на емпатија еден кон друг со учењето онлајн. Бевме оттргнати едни од други и почнавме да работиме како роботи. Заради тоа што онлајн се гледавме само преку камери и зборувавме преку микрофони. Почетокот на бомбите беа уште еден бран. Првичниот страв беше - што ако нешто е реално, што ако не е само лажно? Додека веќе во второ полугодие нè 'удри' токму моментот дека доаѓа матура а ние губиме значајни часови, професорите не знаат како да го направат материјалот, а нас секој час ни е важен“, вели 18-годишниот Ристиќ.

Во иднина ќе ги гледаме последиците од онлајн наставата поради недоволната социјализација, смета професорот Фатон Мурсели од катедрата за социологија на Тетовскиот Универзитет.

„Социолошки знаеме дека училиштето или универзитетот е еден важен агент на социјализација. Кога некој полага онлајн го нема тој социолошки аспект кој влијае врз индивидуата и интелектот. Ние произведуваме сега хибридни општества во кои има и недоволно социјализирани и затоа потоа доаѓаме до разни проблеми како на пример немање интерес за учење, наркоманија, проституција, неконтролирање на родителите врз тинејџерите​“, изјави Мурсели.

Прилагодување од скратен на обемен материјал

Ситуацијата со онлајн настава па без настава, според професорката Фрицханд кај дел од младите може да донесе потешкотии во адаптацијата на новиот, пообемен материјал на факултет.

„Можеби се очекува да имаат проблем со фокус, со одржување на концентрација, со апсолвирање на тој пообемен материјал. Затоа што не можете на факултет да учите како што учите во средно или во основно. Но, не можеме да заклучуваме дека сите ќе имаат таков предизвик“, изјави професорката Фрицханд.

Кој пат да се фати?

Сите настани изминативе четири години ќе влијаат врз индивидуата како дел од општеството, но и врз самото општество во целина, вели професорот Мурсели. Тој потсетува дека сакале или не, бевме во ситуација во која беше целиот свет и низ тоа мораше да поминеме, но кога веќе се случи треба да им се помогне на младите во следните чекори. За оваа генерација средношколци, но и за сите кои доаѓаат, државата мора да најде механизам за да им помогне да го направат следниот чекор во образованието, порачува тој.

„Земјава треба да го врзе образовниот систем со пазарот на трудот. Владата треба да ги анализира генерациите кои дипломираат и сите ученици кои треба да се подготват за пазарот на трудот за понатаму да најдат подобра работа и полесно да се вработуваат. Конкретно преку МОН, треба да се анализира колку се дипломирани, во кои насоки, какви потреби има државата. Ако не се прави ова ќе имаме на пример многу дипломирани по економски науки, а ниеден дипломиран по математика на пример. Засега, таа анализа треба да ја прават сами младите, но, тоа многу тешко за една индивидуа“, вели професорот Мурсели.

Оваа генерација матуранти никако не смее да се етикетира од околината како 'изгубена генерација', бидејќи тоа е како некој да ги отпишува дека немаат никакви шанси, а развојот трае во текот на целиот живот и изгубеното може да се надомести, порачува професорката по развојна психологија Фрицханд. А има и шанси ваквото искуство на некои да им помогне во иднина да бидат поподготвени за следните предизвици.

„Тоа го знаеме и од теоријата и од праксата дека кога успешно ќе се надмине една критична, кризна ситуација на личен план, потоа тој поединец во некоја слична, следна ситуација да биде многу поподготвен да се справи со сето тоа“, додаде професорката.

Таа се надева дека добар дел од младите успеале да најдат поддршка во врсниците, и средината за некако се заштитат себеси од штетните влијанија на сето тоа што се случувало во текот на нивното средно образование.

Годинава ќе се олесни полагањето државна матура во интерес на сите средношколци, информираа од Министерството за образование и наука (МОН), по средбата на министерот Јетон Шаќири со претставници на Сојузот на средношколци.

Сојузот ја прифати понудата МОН, наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Тој ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања.

Од Сојузот истакнаа дека државната матура ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олесната за оваа генерација матуранти која, како што велат, беше најмногу погодена од прекините на наставата.

Барањето за одложување на првиот екстерен испит, не им е прифатено поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година, наведува МОН.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG