Достапни линкови

Европски даноци, а сè друго неевропско


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Ниските даночни стапки не се причина за помалите приходи во БДП на Македонија споредено со ЕУ, оценуваат експерти. Главниот проблем е сивата економија која доколку се сузбие, Македонија ќе биде на ниво на Вишеградската група. Не може да имаме европски даноци со највисока корупција, најниски плати, лоша инфраструктура...

Ако Македонија се справи со сивата економија, тогаш ќе прибира даноци на ниво на земји членки на Европската унија. Учеството на даночните приходи во Бруто домашниот производ на земјава (БДП) во моментов е многу пониско за разлика во земјите од ЕУ, а причината, според експертите е една - високото ниво на сива економија.

Министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве најави нова даночна реформа и рече дека државата треба да ги зголеми даноците поради тоа што има најмало даночно остварување во споредба со земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Тој вели дека во 2008 година 38 отсто од БДП во ЕУ одело за даноци, а во Македонија 10 процентни поени помалку. Сега тој јаз е уште поголем и изнесува 13,8 процентни поени.

Но, како Македонија да ја зголеми наплатата на даноци како што е во земјите на ЕУ кога истовремено се соочува со висока корупција, најниски плати во Еворпа, високо загадување, лоша инфраструктура, катастрофално здравство и образование...

Благица Петрески – извршна директорка на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ вели дека ниските даночни стапки не се причина за помалите даночни приходи во БДП.

Тоа е пред сè е заради сивата економија, вели таа, посочувајќи дека доколку овие даночни приходи се стават во сооднос на формалниот дел на БДП, тие ќе стигнат до 40 проценти.

„На таков начин ние сме на слично ниво како земјите од Вишеградската група“, вели Петрески во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Според податоците на „Фајнанс Тинк“, обемот на сивата економија во 2020 година изнесувал 23,2 отсто од БДП.

Од Институтот наведуваат дека повисоките и скалести даноци ја зголемуваат сивата економија, како и поголемиот даночен товар врз платите.

Министерот за финансии Бесими вели дека зголемувањето на уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата и дека со тоа државите располагаат со потребни средства „за да инвестираат во иднината.“

Тој додава дека просекот на земјите од ОЕЦД во 2019 година бил 33,8 проценти, двојно повеќе во однос на Македонија.

„Ова не е сигнал, туку светлечки знак дека треба да се преземат мерки ако сакаме, прво да се консолидираме, а по долгата истоштувачка криза и да обезбедими подобар живот за нашите граѓани“, вели Бесими.

Јовановиќ - Оданочувањето на хонорарците е тешка катастрофа
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:39 0:00

Економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека е некоректно Македонија да се споредува со земјите од ЕУ и врз основа на тоа власта да бара наплатата на даноците во земјава да биде на тоа ниво.

„Во земја каде што корупцијата е на највисоко можно ниво, каде што инфраструктурата е катастрофална, не може ние да очекуваме да се зголемат приходите од даноците на товар на граѓаните и компаниите, со цел да стигнеме до ниво на земјите од ЕУ“, вели Халили.

Владата ако сака да ги зголеми даноците, би требало да ги зголеми даноците коишто ги реализираат банките кои го со години имаат најголеми приходи и профити на сметка на фирмите и граѓаните, вели Халили.

Второ, вели тој, мора да се намали вкупниот број на вработени во државната и јавна администрација, за која нема никаква економска и финансиска логика секоја година да се зголемува, и така владата ќе ја постигне својата цел.

Петрески од „Фајнанс Тинк“ вели дека е „дегутантно“ Македонија да се споредува со земјите од ЕУ, бидејќи, како што објаснува, тие се на сосема друго ниво на развој.

Пред да се разгледува прашањето за секундарните распределби, вели таа, државата прво би требало да размислува за зголемување на „основниот колач“ (БДП) и за сериозни структурни реформи кои ќе овозможат поквалитетно образование, здравство и вкупно повисоко ниво на развој на земјата.

„Ние исклучително каскаме во имплементацијата на таков тип на капитални проекти. Само еден автопат ние не можеме да го завршиме на ефикасен начин. Прво мора да ја подобриме продуктивноста, вкупното ниво на општествен раст, а потоа да дискутираме за ваков вид на распределби“, вели Петрески.

Според најавите на Бесими, со новата даночна реформа државата треба да прибере дополнителни 54 милиони евра од даноци од граѓаните и стопанството, но се уште не се знае каков вид на даноци ќе бидат воведени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG