Достапни линкови

Пукаат „бомби“, никој не прашува од каде се


Илустрација
Илустрација

Таканаречените „бомби“ се присутни на македонската политичка сцена пет години, но за разлика од порано, сега не се инсистира на одговорност кој ги снима и кој ги објавува.

„Лепливи раце“, „Добар човек“, „Алибаба тредичи“ се три различни профили на социјалната мрежа Јутјуб кои само во последниве десетина дена објавија таканаречени „бомби“ поврзани со наводни криминали на власта или на опозицијата.

Аудио материјалите се присутни како алатка за меѓупартиска пресметка на македонската политичка сцена одамна, откако лидерот на тогаш опозициската СДСМ Зоран Заев во 2015 година ја почна својата битка против владејачката ВМРО-ДПМНЕ објавувајќи снимени разговори меѓу владините челници и партиските функционери.

Но, ако тогаш, а и до скоро, се инсистираше на потеклото на „бомбите“, на тоа кој ги снимал и кој ги објавува, сега на тоа прашање речиси никој не инсистира.

Колку е тешко да се дознае кој стои зад бомбите?

Им одговара ваквата состојба на политички субјекти, вели професорот од Факултетот за општествени науки Стефан Буџаковски. Тој има работно искуство и во Министерството за внатрешни работи, па анализира дека во денешно време, со целата технологија, е лесно да се открие кој стои зад снимките.

„Во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и сегменти од народната одбрана има специјални служби за откривање и попречување на ваков вид електронски, Јутјуб апликации итн, односно само треба желба“, вели Буџаковски.


За некои од објавените разговори, пак, не треба истрага, туку се знае и кој ги снимал и кој ги објавил. Таков е случајот со објавените разговори во мај на каналот на Јутјуб „Бошко Буха“ на кои се слушаше гласот на претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој по објавувањето кажа дека снимката е од семеен ручек пред четири години во Струмица, а го снимал Александар Верушевски, син на неговиот соработник Зоран Верушевски.

Заев не побара одговорност за нелегално снимање, рече дека се во добри односи со таа фамилија, а нема информации и дека обвинителството постапило по службена должност. На нивната интернет страница последното обвинение за неовластено прислушкување и тонско снимање е за Ел чека, профил на Фејсбук на човек од Соединетите Американски Држави кој лани интензино објавуваше прислушувани разговори.

На кому му одговара?

Инаку, нелегалното снимање и објавување на материјали е казниво дело регулирано во Кривичниот законик. Во член 151 се наведува дека тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Во членот 152 пак, се наведува дека „тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

И додека Буџаковски смета дека партиите се тивки зошто им одговора во предизборниот период да се објавуваат материјали кои ќе го дискредитираат другиот, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека „бомбите“ нема да донесат многу политички ќар.

„Не верувам дека граѓаните, барем на тие на кои треба партиите да им го променат мислењето имаат многу влијание од овие бомби. Но оваа кампања, поради блискоста на анкетите ќе генерира ваква, валкана борба“, вели Муслиу.

Што се сè слушна?

Во последниве десетина дена прво каналот „Алибаба тредичи“ објави два нелегално снимени разговори, на кои наводно се слуша гласот на адвокатот Васко Димишков како зборува во врска со случајот „Рекет“. Гласот што се слуша на снимките зборува за милиони евра наводно за ослободување од притвор на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во случајот Империја на СЈО за перење пари.

Потоа на каналот „Добар човек“ беа објавен 11 аудио записи за истиот случај во кој се слушаа наводно гласовите на осудените во „Рекет“ Бојан Јовановски и Зоран Милевски и повторно на адвокатот Димишков.
Неделава, пак, на друг канал, „Лепливи раце“ беа објавени три аудио и една видео-снимка на која наводно се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев.

Во мај на јутјуб канал именуван како „Facts and Figures“ се појавија четири аудио снимки на кои се слушаат разговори за кои се наведуваше дека се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во предметот Рекет Зоран Милески познат во јавноста како Кичеец и женска личност.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG