Филипче: Добро што во моментов имаме линеарно зголемување на бројот на случаите

Во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на бројот на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но ние сме спремни да прифатиме и да третираме пациенти дури и да има раст. Целосно се мобилизирани здравствените работници, спремни се капацитетите, изјави на попладневната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче.

„Имаме и излекувани пациенти и сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Терапијата е веќе аплицирана кај пациенти кај кои е индицирана согласно анализите од нивното ЕКГ. Сосема добро стручно се справуваат колегите во сите јавно здравствени институции“, рече Филипче.

Министерот нагласи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи со коронавирус во земјава и тоа 11 во Скопје, четири во Прилеп, два во Куманово и еден во Тетово, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува
219 лица. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје (134), Дебар (43) , Куманово (17), Штип (осум), Прилеп (шест), Охрид (три), Велес (три), Кавадарци (два), Тетово (два) и Гостивар (еден).

„Не треба да се има ниту најмал сомнеж дека не се споделуваат точни бројки, бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку, ги споделуваме со официјалните претставници на СЗО, и тука простор за манипулација нема. На Клиниката се инфективни болести се хоспитализирани 41 пациенти од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од механичка вентилација, 27 се средно тешки пациенти и седум се со поблаги симптоми, а стабилна е состојбата и на пациентите во Штип. Од Заводот за рехабилитација во Козле се уште траат испитувањата, анкетите, земени се материјали на уште 18 вработени, веднаш после пристигнувањето на сите резултати ќе се направи план за функционирање на оваа установа, а постои голема веројатност
од понеделник да работи само амбулантскиот дел со соодветен распоред на здравствените работници“, рече Фиипче.

Тој рече дека денеска се поделени заштитни маски на матичните лекари. Станува збор за донација од 3.000 маски во текот на вчерашниот ден, а денеска и уште 3.000 платнени и хирушки маски кои ќе им бидат поделени на матичните лекари.

Во врска информациите со цените на тестовите, посочи дека го коментирале објавениот документ за набавката на тестовите кој е по регуларна пазарна цена, но проструила значајно поголема цена од близу 5.000 денари и тоа не е цена по која се набавуваат тестовите.