Украинскиот претседател не ја прифати оставката на премиерот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја одби оставката која денеска ја поднесе премиерот Олексиј Хончарук.

„Одлучив вам и на вашата влада да ви дадам уште една шанса“, рече Зеленски на средбата со премиерот.

Хончарук поднесе оставка откако беше објавена снимка како го критикува претседателот на Украина дека не знае ништо од економија.

Зеленски не ја спомена снимката, туку од премиерот побара подобра соработка со Парламентот и „оптимизација“ на заработките на високите владини претставници. Давањето големи бонуси на функционерите во последните недели предизвика скандал во Украина.

Претседателот Зеленски оцени дека функционерите не може да имаат такви плати со оглед на состојбите во економијата на една од најсиромашните земји во Европа.

Според украинскиот закон, Парламентот ја прифаќа или отфрла оставката на премиерот, но претседателот Зеленски има апсолутно мнозинство во Парламентот.