Тензии на исток, на запад исто така...

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, изјави дека фактот што дискусијата во ЕУ за Северна Македонија ќе започне од октомври можеби не е најидеалниот чекор што го очекувале, но е позитивен.

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Сеад Кочан на 17 јули треба да се јави на издржување на затворската казна за случајот Труст. Упатниот акт, како што информираат од Кривичниот суд, веќе му е доставен на Кочан. Апелацискиот суд на Кочан му ја намали казната од шест на четири години и 8 месеци, а Василије Авировиќ наместо ефективен затвор доби условна казна.

КАНАДА / МАКЕДОНИЈА - Канада е 18-та земја членка на НАТО која го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата. Канадското МНР на Твитер изрази задоволство што набргу ќе и посакаат добредојде на нашата земја како 30-та членка.

САД / ИРАН - Иран и САД ги оспоруваат околностите околу соборувањето на американско беспилотно летало во услови на зголемени стравови за воена конфронтација и тензии меѓу двете земји. САД го обвинија Иран за неиспровоциран напад.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин одговараше на прашања на Директна линија, која традиционално секоја година се емитува на телевизија. Путин изјави дека прашањата кои му сотавиле впечаток се однесувале на животот во Русија, приходите, здравството и справување со отпадот. Тој, меѓу другото, рече дека западните санкции ја чинеле Русија околу 50 милијарди долари.

УНГАРИЈА - Авганистански трговец со луѓе и тројца Бугари добија доживотна казна затвор за смртта на 71 мигрант кои се задушија во напуштен камион за ладење во близина на австриско село во 2015 година.

УКРАИНА - Украинскиот истражувачки новинар Вадим Комаров им подлегнал на повредите откако пред шест недели беше нападнат во градот Черкаси. Дел од неговите колеги новинари велат дека единствената причина за неговата смрт е неговата работа.

СЕВЕРНА КОРЕЈА / КИНА - Кинескиот претседател Си Џинпинг е во дводневна посета на Северна Кореја што е прв негов престој во таа таа земја од 2005 година. Посетата е на покана од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и доаѓа на неколку денови пред самитот на Г20 во Јапонија, а на кој ќе учествува и американскиот претседател Доналд Трамп.