Судење, истрага, заклетва, кавга...

МАКЕДОНИЈА - Не е фер. Кажете да не се браниме. Донесете пресуда и готово, рече на последното рочиште поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, обвинет за случајот Таргет-Тврдина.

МИЦОТАКИС - Лидерот на Нова демократија и нов премиер на Грција, Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва во претседателската палата по победата на неговата партија на парламентарните избори.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / САД - Британската влада соопшти дека го испитува истекувањето на доверливи белешки во кои британскиот амбасадор во САД ја критикува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп како несмасна. Во меморандумите, кои датираат од 2017 година до денес, амбасадорот Ким Дарох вели дека администрацијата на САД била несоодветна и оти немала да стане помалку дисфункционална и помалку непредвидлива. Министерството за надворешни работи не ја оспори точноста на документите.

РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарале за испораката на рускиот ракетен систем С-400, бидејќи договорот е во процес на спроведување, соопшти Кремљ. Договорот предизвика тензии меѓу САД и Турција.

ИРАН - Иран ги повика европските потписници на нуклеарниот договор да се воздржат од било какви нагли чекори откако Техеран ја надмина границата на збогатен ураниум. Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Абас Моусави изјави дека во спротивно Иран ќе биде принуден да преземе крајни чекори, без да соопшти кои се тие.

УКРАИНА - Еден украински војник загинал, а тројца биле повредени во конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина. Украинското министерство за одбрана соопшти дека сепаратистите го прекршиле примирјето 16 пати во рок од 24 часа. Според министерството, украинските сили убиле двајца сепаратисти, а повредиле 5 војници.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика неговиот руски колега Владимир Путин на средба. Во видео објавено на Фејсбук, Зеленски порача дека тој е подготвен на разговори со Путин кои би се одржале во главниот град на Белорусија, Минск.