Скопје виа Бејрут

МАКЕДОНИЈА - Сведоци одговараа дали и како донирале пари за политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, на последното рочиште за случајот Титаник. Дел од нив рекоа дека не се сеќаваат оти донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Случајот се однесува на изборни нерегуларности сторени од страна на тогаш владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нејзината земја сака да го реши недостигот на стручњаци со давање добра обука за што поголем број луѓе. Таа додаде дека е неопходно и вработување на квалификувани луѓе од другите замји на ЕУ, но и надвор од неа.

САД - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази разочарување од исходот на конференцијата на ОН за климата. Тој вели дека жали поради тоа што е пропуштена важна можност, бидејќи делегатите на околу 200 земји постигнаа само минимален компромис.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе затвори две стратегиски воени бази што ги користат Соединетите држави и НАТО доколку Вашингтон воведе санкции како одговор на тоа што Турција купи руски противвоздушен ракетен систем.

АЛБАНИЈА - Жителите во албанските села погодени од катастрофалниот земјотрес на 26 ноември ќе имаат нови домови во текот на 2020 година. Во видео порака на Фејсбук, албанскиот премиер Еди Рама на жителите во градовите чии домови исто така беа урнати или оштетени од земјотресот им порача дека процесот на обновата се очекува да заврши до јуни 2021 година.

АВГАНИСТАН - Најмалку тројца авганистански полицајци се убиени во напад во западниот авганистански град Херат, соопштија тамошните власти.

ГЕРМАНИЈА - Во Германија е обвинет маж од Косово за поддршка на екстремистичката група Исламска држава (ИД) во Сирија. Федералните обвинители соопштија дека на почетокот на овој месец во Хамбург е обвинет Хасан Б. од Косово.

ПАКИСТАН - Во Пакистан започна петдневна кампања за вакцинирањето против детска парализа (полио). Кампањата доаѓа откако годинава се регистрирани повеќе од 100 заболени од оваа болест.

ЛИБАН - Илјадници либански демонстранти се вратија да протестираат пред парламентот во Бејрут откако безбедносните сили претходно ги растераа со солзавец и гумени куршуми, ранувајќи десетина луѓе. Либанците протестираат поради најавите за можно враќање на власт на екс-премиерот Саад Харири, кој си поднесе оставка по двомесечните протести во Либан.