Скопје - Лондон - Пјонгјанг

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски позитивно ги оцени реформите во безбедносната сфера, соопштија од Кабинетот на Претседателот, по средбата на Пендаровски со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека секој предлог за законот за јавно обвинителство е вреден за внимание, коментирајќи ја информацијата од ВМРО-ДПМНЕ дека доставиле предлог за новиот закон за ЈО во кој велат дека постоечкиот модел е добар и нудат решение без хибридни модели.

МАКЕДОНИЈА - Советот на јавни обвинители го потврди прекинот на мандатот на обвинителите од СЈО и одлучи обвинителите Фатиме Фетаи, ленче Ристеска, Гаврил Бубевски, Леле Стефанова... да се вратат во своите матични обвинителства. Советот ја разреши и Катица Јанева и од ОЈО Гевгелија.

МАКЕДОНИЈА - Европска мултидисциплнарна платформа за борба против закани од криминал (ЕМПАКТ), која вклучува нелегална трговија со огнено оружје, нелегална миграција, измама со документи и нелегална трговија со дроги, обедини 6.758 полициски службеници, од кои 6.708 теренски и 50 службеници од Оперативниот центар во седиштето на Европол во меѓународната операција Денови на заедничка акција (ДЗА) за Западен Балкан за 2019 година, соопшти македонското МВР.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот Бујар Османи и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, на средбата во Брисел, констатирале дека владеењето на правото е континуиран бенчмарк за европските интеграции.

САД / СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, го поканил американскиот претседател Доналд Трамп на состанок во Пјонгјанг, објави јужнокорејскиот весник Чунан Илбо, пренесоа светските новински агенции.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер, Борис Џонсон, верува дека во следните недели би можело да постигне договор со Европската Унија. Ова уверување го изнесе во текст за Дејли телеграф, во кој истакнува дека работи на тоа Британија да излезе од ЕУ на 31 октомври, пренесоа новинските агенции.

ГРЦИЈА - Во четири различни атински населби, за помалку од половина час, непознати лица, на четири локации нападнале и нанеле штета на две канцеларии на Нова демократија и на две филијали на банки, а грчката полиција привела 25 лица.

СРБИЈА - Претседателот на Народната партија на Србија, Вук Јеремиќ, изјави дека опозицијата со бојкотот на изборите ќе создаде услови за суштински промени во Србија и тоа за многу пократко време од четири години.

КОСОВО / ХОЛАНДИЈА - Заменикот командант на Генералштабот на поранешната ОВК, Сокол Башота, и поранешниот командант на ОВК, Наим Маљоку, се на распит пред Специјалниот суд во Хаг за воени злосторства за време и по војната од 1998-99 година во Косово.