Синови, владици и политичари

МАКЕДОНИЈА - До 45 отсто од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми, почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби, како што се главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето), па се до долготрајни периоди на нерасположение и дисфункционалност, покажуваат заклучоците за делот на менталното здравје во земјава, опфатен во извештајот Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус, што денеска го објави Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа.

МАКЕДОНИЈА - Ако СДСМ одлучи да оди на избори во јуни, нека му е со среќа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски без да прецизира дали во таков случај неговата партија ќе учествува на изборите. Претходно, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека ако нема партиски договор, тогаш нема да се крши Уставот и избори ќе има на 21 јуни.

МАКЕДОНИЈА - Соговорникот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на четирите аудио снимки кои на 9 мај се појавија на каналот Јутјуб од авторот Бошко Буха, е Александар Верушевски, синот на советникот на лидерот на СДСМ, Зоран Верушевски. Тој и ја направил снимката, изјави денеска Зоран Заев.

САД - Претседателот на САД Доналд Трамп се закани дека трајно ќе ја запре американската финансиска поддршка за Светската здравствена организација доколку таа не се подобри во наредните 30 дена. Тој ја нарече СЗО - Кукла на Кина.

ЦРНА ГОРА - Американскиот Стејт департмент ги повика сите страни во Црна Гора да водат конструктивен дијалог, да покажат воздржаност и да избегнуваат какви било акции што би довеле до зголемување на тензиите. Апелот на Стејт департментот уследи по апсењето на свештеници на Српска православна црква во Црна Гора поради кршење на забраната за собири воведени поради епидемијата со Ковид-19. Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, пак изјави дека ако СПЦ инсистира на национална црква на Србите, тогаш ќе мора да се создаде национална црква на Црногорците. На тоа српскиот владика Амфилохије одговори дека Ѓукановиќ проповеда сатанска црква.

БЕЛГИЈА - Белгиската полиција заплени 11,5 тони хашиш (смола од канабис) на кванташки пазар во Брисел и приведе шест лица, соопшти денеска обвинителството. Вредноста на дрогата се проценува на околу 114 милиони евра.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека зема лекови против маларија за да ги ублажи симптомите во случај да е заразен со коронавирусот, иако неговиот ефект против инфекцијата не е докажан. Трамп им рече на новинарите дека зема хидроксихлорокин и додаток на цинк секој ден околу една недела и половина. Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес и остра политичка противничка на претседателот Трамп, изрази загриженост за здравјето на американскиот претседател и рече дека тој не би смеел да зема непотврдени лекови, особено не поради тоа што, како што рече Пелоси - Знаеме колку години има и колку е морбидно дебел.

ПАКИСТАН - Еден цивил и седум пакистански војници загинаа во два одвоени терористички напади во Пакистан, соопштија Вооружените сили на Пакистан, пренесе АП.

АВГАНИСТАН - Обединетите нации денеска апелираа за намалување на насилството во Авганистан, истакнувајќи дека е зголемен бројот на загинати цивили поради судирите на талибанците со авганистанските безбедносни сили.