- Колку вакцини има стигнато во Македонија досега?
Вкупно 11 190 вакцини се стигнати во земјава. Фајзер преку Србија досега има две пратки- првата 4680, втората 3510, вкупно 8190.
Спутник В = 3000 вакцини.
- Кој се вакцинира со стигнатите вакцини?
Вакцинацијата со двата типа вакцини се одвива само за здравствени работници.
- Кој ќе се вакцинира следен?
Според националниот план за вакцинација против Ковид-19 по здравствените работници треба да се вакцинираат:
1. Постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, лица постари од 70 години.
2. Лица над 65 години.
3. Лица на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход.
5. Полицајци, пожарникари, судии, цариници, вработени во парламент и влада, војници.
6. Вработени во производство на храна, производство на лекови, јавен транспорт, комунална хигиена и водоснабдување, телекомуникации и електроснабдување, погребни служби, локална самоуправа, вработени во банкарски сектор, земјоделие, пошта, транспорт, фабрички работници, затвори, студентстки домови.
7. Здрави лица од 18 до 64 години.
- Кои вакцини се најавени?
Според најавите на владините претставници, но засега со точно непотврдени рокови:
1. Околу 100 000 вакцини на АстраЗенека преку Ковакс системот.
2. Околу 200 000 кинески вакцини од Синофарм.
3. Околу 100 000 дози руски вакцини Спутник.
4. Околу 800 000 дози Фајзер.
- Колку вакцини досега стигнаа во другите земји од Западен Балкан?
1. Србија - 2 664 460 дози вакцини
Синофарм- 2 000 000
Фајзер 262 060
Спутник В 252 400
АстраЗенека 150 000
2. Албанија- 80 325
Фајзер 41 925
АстраЗенека 38 400
3.БиХ- 52 000
Спутник В 42 000 (Република Српска)
АстраЗенека 10 000 (Федерација БиХ)
4.Црна Гора- 44 000
Синофарм 30 000
Спутник В 14 000
5.Косово- 0 - Безбедна ли е вакцината на АстраЗенека?
Емер Кук, директорка на Европската агенција за лекови ЕМА, рече дека експертите продолжуваат со студиите за можните несакани појави кои се однесуваат на поврзаноста на вакцината на АстраЗенека, но дека нивниот став е дека користа од вакцината и понатаму е поголема од ризиците. И Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека придобивките од вакцината Ковид-19 на АстраЗенека ги надминува потенцијалните ризици.
Речиси половина од членките на Европската унија го сопреа користењето на АстраЗенека по извештаите дека се појавиле случаи на згрутчување на крвта кај луѓе што ја примиле оваа вакцина. Според податоците на компанијата Астра Зенека, пак, од 17 милиони луѓе кои ја примиле нивната вакцина во Европа кај 37 лица се јавило згрутчување на крвта.
- Дали тие што прележале Ковид-19 треба да се вакцинираат?
Лицата кои прележале Ковид-19 може да се вакцинираат со една доза од вакцината, согласно стручните препораки, рече министерот за здравство Венко Филипче.
- По колку време од инфекцијата тие што биле инфицирани може да се вакцинираат?
Според американскиот Центар за контрола и превенција на заболувања, треба да се почека 90 дена ако како заболен сте биле третирани со антитела или коваленсцентна плазма. За останатите што прележале Ковид19 американските здравствени власти препорачуваат дека единствено правило за да примат вакцина е да им биде завршен карантинскиот период и да немаат симптоми на вирусот. Српските здравствени власти пак советуваат да поминат најмалку четири недели од инфекцијата пред да се прими вакцината.
- Колку време треба да помине од примањето на вакцина за сезонски грип и примањето на вакцината за Ковид19?
Американските здравствени власти советуваат да се примат во временски интервал од најмалку 14 дена.
- По колку време од примената вакцина се развива имунитет?
Според Светската здравствена организација по првата доза од примената вакцина имуниот одговор се јавува по две недели, а втората доза го засилува имуниот одговор и повторно по две недели се очекува уште посилен имунитет.
- Колку време трае имунитетот по примената вакцина?
Светската здравствена организација вели дека се уште не се знае и дека ги следат вакцинираните за да дојдат до поконкретни податоци.
- Дали треба да се вакцинирате ако планирате да забремените или пак сте трудна?
И во двата случаи американскиот Центар за контрола и превенција на заболувања советува да се прими вакцина.
- Дали по примањето на вакцината треба да се носи маска и да се држи дистанца?
Препораките варираат. Светската здравствена организација советува да се одржуваат истите мерки, додека американскиот Центар за контрола и превенција на заболувања советува дека луѓето може да се групираат без мерки но само по изграден имунитет по примени две дози вакцини или пак со невакцинирани лица од едно семејство освен ако тие не живеат со некои лица кои имаат коморбидитети и може да бидат критични ако се инфицираат со Ковид19.