Самити, паради и терористички напади

МАКЕДОНИЈА - Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева останува во привор во КПУ Затвор Скопје. Од Апелација информираа дека е одлучено да се укине втората точка од решението за притвор – влијание врз истрагата, бидејќи истрагата е завршена, но судиите оцениле дека се уште постои ризик за бегство и ја одбиле жалбата поднесена од адвокатите на Јанева.

МАКЕДОНИЈА - Договорот од Преспа е позитивен пример, а Европската Унија треба да даде датум за преговори Северна Македонија и Албанија, беа пораките што се слушнаа на Самитот на Економист за Западен Балкан во Скопје, на кој учествуваа Зоран Заев, Алексис Ципра, Вес Мичел, Мартин Шулц и други актуелни и поранешни функционери .

МАКЕДОНИЈА - Скендер Бузаку од ИВЗ му даде ултиматум од 72 часа на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, да си даде оставка или ќе објави страшни докази - бомби за криминал кој, како што рече, го сторил нелегалниот реис.

МАКЕДОНИЈА / САД - Американската амбасадорка Кејт Брнс изјави дека кога станува збор за иднината на Западен Балкан времето е навистина погодено, а Северна Македонија е пример за тоа како треба да функционираат државите, и дека патот не бил лесен и не е целосно завршен, но јасно ја покажува улогата на Северна Македонија во регионот.

МАКЕДОНИЈА - За седум месеци до Антикорупциската пристигнале 785 претставки за сомнежи за корупција и судир на интереси, а од нив досега се решени 169 предмети, односно за нив е донесен соодветен заклучок, реферираа антикорупционерите.

МАКЕДОНИЈА / САД - Поранешниот помошник државен секретар на САД, Вес Мичел, од Самитот на Економист во Скопје, предупреди дека главната цел на Русија и на Кина на Балканот е слаб и дестабилизиран регион.

КИНА - Десетици илјади пешадиски војници, авиони, оклопни транспортери и камиони кои носеа тешко вооружување, меѓу кое и нуклеарна ракета дизајнирана да ги избегне американските одбрамбени системи, продефилираа на централниот плоштад во Пекинг, како дел од големата парада со која беше одбележана 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина, на чело со Комунистичката партија.

ФИНСКА - Едно лице е убиено, а 10 се ранети во оружен инцидент во колеџ сместен во трговскиот центар Херман, во источниот фински град Куопио, пренесе новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се официјални информации од полицијата.

ИРАН - Иранскиот суд осуди едно лице на смртна казна поради шпионажа во корист на САД, додека други шест беа осудени на десет години затвор, пренесе новинската агенција Ројтерс.

МАЛИ - Шеснаесет лица биле убиени, од кои двајца цивили, во два терористички напад на воени бази во Мали, изведени од група блиска до Ал Каеда, соопшти полицијата, пренесе новинската агенција АП.

КИНА - Петнаесет демонстранти се повредени, а едно лице е во критична состојба откако било застрелано во градите со огнено оружје за време на последниот судир на демонстрантите и полицијата на протестите во Хонг Конг, изјави претставник на болницата во која е хоспитализиран повредениот, пренесе Ројтерс.

САД - Американското Федералното обвинителство денеска соопшти дека во околината на Сан Франциско е уапсен американски државјанин со кинеско потекло, Едвард Пенг, поради сомнежи дека работел како кинески шпион. Според соопштението на Федералното обвинителство, Пенг работел како туристички водич и тој не ги крадел доверливите податоци, туку само ги пренесувал како курир, пренесе Ројтерс.