Премиери, доктори и сексуални работнички

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека сака законски да забрани продолжување на периодот на транзиција по излезот на Британија од ЕУ.

МАКЕДОНИЈА - Рудник во Иловица нема да се гради, оти Владата еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатација на рудник за бакар и злато на локалитетот село Иловица, во општина Босилово, соопшти владината прес-служба. Концесионерот најави правна разврска.

МАКЕДОНИЈА - Сексуалните работници традиционално по 12-ти пат во Скопје маршираа за поголеми права, еднаков третман пред законите и почитување на нивното право на слободен избор. Тие бараат измени на законските регулативи кои ги криминализираат сексуалните работници.

ЧЕШКА - Искрено се надеваме дека овој притисок ќе даде резултати и оти многу бргу во претстојниот период ќе пристигне одлуката за почеток на преговорите за пристапувањена нашата земја во ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со неговиот чешки колега Андреј Бабиш, во рамки на официјалната посета на македонска владина делегација на Чешка.

ГЕРМАНИЈА - Стотици полицајци извршија претрес на 47 имоти во Германија како дел од истрагата спроведена поради сомнение за милионска измама со лекови против рак, пренесе германската новинска агенција ДПА.

УКРАИНА - Двајца украински полицајци се примени во болница по судирот со антивладините демонстранти во близина на зградата на украинскиот парламент во Киев.

БЕЛОРУСИЈА - Поранешен офицер на белоруската полиција изјави дека учествувал во убиства на активисти на опозицијата и оти сега бара политички азил во неименувана европска земја. Ова додаде масло на обвинувањата дека безбедносните сили под контрола на претседателот Алeксандaр Лукашенко биле вмешани во исчезнувањето на опозиционери и бизнисмени.

ПАКИСТАН - Судот во Пакистан му одреди смртна казна на поранешниот претседател Первез Мушараф, заради велепредавство и суспензија на Уставот на земјата пред 12 години.

АВГАНИСТАН - Најмалку 10 луѓе загинале кога возилото со кое се превезувале наишло на бомба поставена на пат во авганистанската источна провинција Хост, соопштија авганистанските власти.

МАРОКО - Во несреќа на Средоземно море седум африкански мигранти се удавиле, додека 70 други биле спасени откако нивниот чамец потонал во обид да стигнат од Мароко во Шпанија. Спасените биле вратени во Мароко.