Рекет, протести и бомби на свадба

МАКЕДОНИЈА - Во врска со изјавата на Бојан Јовановски - Боки 13, осомничен во случајот Рекет, дека со премиерот Зоран Заев било договорено да се потпише документ за соработка со невладината организација Меѓународен сојуз, од Владата велат дека немаат потпишано таков договор.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Северна Македонија и Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце - Прешево, соопштија од Кабинетот на претседателот.

РУСИЈА - Руската опозиција соопшти дека следниот викенд планира да организира нови собири низ земјата, иако полицијата во саботата уапси над 1000 луѓе кои се собраа на протест, забранет од властите. Властите соопштија дека ќе дозволат протести во Москва следниот викенд на локација која е оддалечена од центарот на градот, но опозицијата тоа претходно не го прифати.

ЛИБИЈА - Над 40 лица загинаа, а десетици се повредени во воздушен напад во југозападниот дел на Либија, во момент кога се одржувала свадбена веселба во градот Марзук, објавија новинските агенции, кои се повикуваат на локалните медиуми. Според наводите на медиумите, нападот го извршиле силите лојални на лидерот на вооружените сили од источниот дел на Либија, генерал Калифа Хафтар.

ВЕЛИКА БРОТАНИЈА / ШКОТСКА - Мнозинството од анкетираните Шкоти би гласале за независност од Обединетото Кралство, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено по барање на лорд Мајкл Ашкроф, што е прво поголемо испитување на јавното мислење од март 2017 година.

ЕГИПЕТ - Најмалку 19 луѓе загинале, а 30 други биле ранети во експлозија во близина на Египетскиот институт за канцерогени заболувања во Каиро. Властите соопштија дека автомобил се судрил со три други возила при што дошло до експлозија.

РУСИЈА - Четири лица се повредени во експлозијата што се случи во складиште за муниција во воена база во рускиот регион Краснојарск. Министерството за вонредни состојби нареди евакуација на населението во радиус од 20 километри, соопшти прес-службата на министерството.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го повтори барањето за продолжување на прекуграничните операции во североисточна Сирија. Разговорите меѓу турските и американските претставници во врска со овие операции запнаа околу прашањето за формирање безбедносна зона на територијата на Сирија источно од реката Еуфрат каде што жиеват Курди за кои Анкара смета дека се закана за Турција. Курдите во Сирија се помогнати од САД во борбата против екстремистичката Исламска држава.

ПАЛЕСТИНА / САД - Палестинскиот министер за социјален развој, Ахмед Маџдалани, го критикуваше извештајот на Генералниот секретар на ОН за државите кои ги кршат детските права и праша зошто Израел не е на тој список, пренесоа светските новински агенции.

АЛБАНИЈА - Албанската јавност се прашува дали се работи за раскол во албанската обединета опозиција или е нова тактика последната одлука на три политички партии да пријават учество на локалните избори закажани со последната уредба на претседателот Илир Мета и не пријавувањето на Демократската партија, која ја предводи опозицијата.