Предмети, претреси и неизбежни војни

МАКЕДОНИЈА / ЧЕШКА - Премиерите на државите од Вишеградската група на средбата во Прага со премиерите од Западен Балкан, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, усвоија Декларација на Вишеградската група за Западниот Балкан и ја повикаа ЕУ да почне пристапни преговори со Македонија и со Албанија.

МАКЕДОНИЈА - СЈО соопшти дека е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази на Јавното обвинителство.

САД - Врховниот американски суд го одобри новиот Закон за мигранти на претседателот Доналд Трамп, со кој, меѓу другото, ќе се намалат молбите за азил на американско-мексиканската граница, објави Ројтерс.

РУСИЈА - Руските безбедносни служби извршија најмалку 150 претреси на куќи и канцеларии кои им припаѓаат на приврзаниците на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, напиша на социјалните медиуми неговиот соработник Леонид Волков.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада оценува дека граѓаните и стопанствениците во Британија не се подготвени за напуштање на Европската унија без договор.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во интервју за радиото Ресехт Бет, изјави дека Израел веројатно нема да има друг избор освен да влезе во војна во Појасот Газа, пренесоа новинските агенции.

ШПАНИЈА - Во поголемиот дел од југоисточна Шпанија е прогласен црвен метеоаларм поради најобилните врнежи што го погодиле регионот во последните 100 години. Шпанската метеоролошка служба АЕМЕТ предупреди дека оваа област е во исклучитечна опасност.

СРБИЈА / ВАТИКАН - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не треба да се имаат преголеми очекувања дека Чешка може лесно да го смени својот став за признавањето на Косово, по изјавата на чешкиот претседател Милош Земан, кој рече дека не му се допаѓа Косово и дека треба да се размисли за повлекување на признавањето на Косово од страна на чешка.

АВГАНИСТАН - Најмалку четири војници загинаа при напад на бомбаш-самоубиец врз база на авганистанските специјални сили на периферија на Кабул, соопшти авганистанското Министерство за одбрана.

КОНГО - Најмалку 50 луѓе загинаа кога воз излета од шини во југоисточниот дел на Конго, пренесоа новинските агенции повикувајќи се на локални медиуми.

БАХАМИ - Владата на Бахамите соопшти дека на нејзиниот список се наоѓаат 2.500 исчезнати лица по ударот на ураганот Доријан. Меѓутоа, од владата додаваат дека е потребно овој список да се спореди со листите на кои се водат евакуираните лица.