Политички продавачи, суспендирани парламенти и лидерски средби

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада потврди дека Парламентот ќе биде суспендиран од 10 септември до 14 октомври, објавија британските медиуми и светските новински агенции.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на 10 септември во 20 часот, во Собранието ќе имаат лидерска средба за да се обидат да најдат решение за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и судбината на СЈО. Услов од ВМРО-ДПМНЕ за средбата било да се зборува и за предвремени избори.

РУСИЈА - Владејачката партија Единствена Русија, на рускиот претседател Владимир Путин, изгуби околу една третина од местата во московскиот градски парламент, по што станува неизвесно кој ќе ја има власта во руската метропола, пренесуваат светските новински агенции.

БЕЛГИЈА - Новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во ноември ќе го преземе управувањето со извршната власт во Брисел, го заврши составот на својот тим за следните пет години. Дер Лејен, која ќе го замени Жан-Клод Јункер, речиси постигна совршена полова рамноправност во идната Комисија, во која ќе има 14 мажи и 13 жени, што до сега не бил случај, пишуваат новинските агенции.

СИРИЈА / ТУРЦИЈА / САД - Турски и американски сили спроведоа прва заедничка копнена патрола во североисточниот дел на Сирија како дел од договорот за слободна зона за која се залагаше Анкара. Турција се надева дека таквата зона, околу 30 километри длабоко во Сирија, ќе ги држи сириските Курди подалеку од турската граница. Курдите им се сојузници на САД во борбата против Исламската држава.

ФРАНЦИЈА - Француската министерка за здравство Агнес Бизин изјави дека во таа земја од годинашниот топлотен бран умреле 1.500 луѓе. Тоа, според неа, било многу повеќе од просекот за тој период од годината. Половината од починатите имале над 75 години. Тополотниот бран во Франција траел 18 дена во текот на јуни и јули.

ГРЦИЈА - По говорот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Солун, дел од грчките опозициски партии го нападнаа претседателот на грчката влада дека од борец за Македонија, станал предавник и дека со тоа што не го спомнал Преспанскиот договор, всушност признал дека мора да се почитува. Десните партии дури го обвинија дека ја продал Македонија на скопјаните.

РУСИЈА / ФРАНЦИЈА - Францускиот министер за надворешни работи Жан - Ив Ле Дријан изјави дека дошло време да работат кон намалување на недовербата со Русија. Тој во Москва имаше средба со неговиот руски колега Сергеј Лавров.