Претседатели и научници

МАКЕДОНИЈА - Македонија повторно ќе испрати свои војници во мировните мисија Алтеа во Босна и Херцеговина и Одлучна поддршка во Авганистан.

МАКЕДОНИЈА - Владата и Министерството за образование и наука на Синдикакот за образование, наука и култура (СОНК) му понудија зголемување на платите во образовната дејност за 10 проценти од април 2020 година. Членството на СОНК ќе одлучи дали ќе ја прифати понудата.

МАКЕДОНИЈА - Австрија упати порака со поддршка за проширувањето на ЕУ и за европските интеграции на нашата држава, соопшти владината прес-служба, по средбата на премиерот Зоран Заев со Александер Шаленберг, австрискиот сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, на 10 октомври ќе одржат трилатерална средба во Нови Сад, соопштија од Кабинетот на српскиот претседател.

БУГАРИЈА - За темата дали Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО со вицепремиерот Красимир Каракачанов сме на ист став. Со мојот заменик го поддржуваме зачленувањето на Северна Македонија. Се разбира дека и Албанија треба да биде членка, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

РУСИЈА - Претседателите на Србија и на Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин, телефонски се договориле до крајот на годината да имаат средба во Москва, соопшти кабинетот на Вучиќ. Путин во разговорот му порачал на Вучиќ дека следи се што работи и дека добро ја разбира сложената ситуација во која се наоѓа Србија, како и дека е подготвен да помогне.

САД - Белата куќа соопшти дека американските сили во северо-источна Сирија ќе се тргнат настрана и ќе го расчистат патот за најавениот напад на турските сили, во суштина напуштајќи ги курдските борци кои се бореа заедно со американските сили во долгогодишната битка против милитантите на Исламска држава, пренесе агенцијата АП. Неколку часа подоцна, турскиот претседател Ердоган соопшти дека почнало повлекувањето на американските војници.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон ја повика Европската унија во детали да ги изнесе своите забелешки во врска со неговиот план за Брегзит и додаде дека тој веќе направил голем компромис за да има нов договор, објави АП.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Вашингтон треба да го смени својот пристап ако сака да продолжат разговорите со Северна Кореја, изјави главниот преговарач на Пјонгјанг за нуклеарната програма, Ким Мијонг Гил, пренесе АП.

СРБИЈА - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ја почна дводневната официјална посета на Србија. На аендата е средба со претседателот Александар Вучиќ и учество на самитот меѓу Србија, Турција и Босна и Херцеговина.

ГРЦИЈА - Грчките власти започнаа акција за префрлување на околу 570 мигранти од преполнетиот камп на островот Лезбос во камп во близина на Солун.

АВГАНИСТАН - Најмалку 10 цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа во експлозија која одекна до автобус со кој се превезуваат регрути на авганистанската армија. Во нападот во авганистанската источна провинција Нангархар, се повредени 27 лица, а некои од нив се во критична состојба, и се пренесени во болница.

ШВЕДСКА / НОРВЕШКА - Нобеловата награда за физиологија и медицина ја добија двајца американски и еден британски научник за нивните откритија за тоа како клетките се чувствуваат и се прилагодуваат на достапноста на кислород. Институтот Каролинска во Стокхолм денеска соопшти дека истражувањата на Вилијам Келин, Питер Ретклиф и Грег Семенца го откриле механизмот за еден од најсуштинските прилагодливи процеси на животот.