Пауза во Собранието за доверба на Владата - пратеникот Реџепи не се појави

Собрание на Република Северна Македонија

Седницата за гласање на доверба на Владата е одложена на 1 час по барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претходно седницата беше прекината бидејќи во Собранието присуствуваа 61 пратеник, но, претседателот на Собранието Талат Џафери ја напушти седницата бидејќи не ја поддржува иницијативата и даде 10 минути пауза. Продолжението на седницата го превзема неговиот заменик Фадил Зендели кој пак даде пауза по барање на ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата присуствуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Меѓу нив се и двајца пратеници кои се изолација поради Ковид-19, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелика Петкова.

На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ и од ДУИ.Присутен е и премиерот Зоран Заев и другите членови на Владата.

На седницата не присуствуваше пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи кој на својот Фејсбук профил објавил дека одлучил да не учествува на собраниската седница за гласање на доверба на Владата.


„Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движење Беса на која припаѓам е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да имаме датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место. На државата во овој значаен период не и треба политичка криза и потопување во турбулентни води со многу непознати“, напишал Реџепи на неговиот ФБ профил.

Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.

На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.