Одбележување на 11-годишнината од убиството на активистот Маркелов во Москва

Либералната советничка во Советот на Москва, Јулија Гаљамина го носи рускиот Устав на денешниот протестен марш

Стотици Руси денеска излегоа на протестен марш во Москва да ја одбележат 11 годишнината од убиството на адвокатот за човекови права и новинар Станислав Маркелов. Тој беше застрелан среде бел ден во 2009 година, заедно со 25-годишната студентка и новинарка во Новаја Газета Анастасија Бабурова.

Насобраните носеа фотографии од 34-годишниот Маркелов, погребни венци и копии од рускиот Устав.

Маркелов и Бабурова ги бранеа и известуваа за жртвите од десничарските националистички инциденти. Нивната смрт е едно од пожестоките убиства на критичарите во ерата на рускиот претседател Владимир Путин.

Либералната советничка во Советот на Москва, Јулија Гаљамина ги повика учесниците на маршот да го искористат собирот за да го покажат своето спротивставување на најавените уставни реформи кои претседателот Путин ги предложи минатата недела, а дел од критичарите сметаат дека имаат за цел да му овозможат на Путин четврти мандат како претседател.

Убиството на Маркелов и Бабурова предизвика обвинувања дека Кремљ не прави доволно за да ги уапси напаѓачите на активисти и новинари.

Двајца млади неонацисти, Никита Тихонов и Евгенија Касис, беа осудени за двојното убиство во 2011 година. Тихонов доби доживотен затвор за убиствата, а Касис беше осудена на 18 години затвор за помагање.

Маркелов ја застапуваше истражувачката новинарка Ана Политковскаја, која беше убиена во 2006 година, како и чеченските цивили малтретирани од руските сили.