Нефункционален парламент и нови најави за блокади

Седница во македонското собрание

Ланските избори се очекуваше да донесат „повредно“ собрание со постабилно мнозинство кое ќе може да биде и поефикасно. Но, наместо тоа ковид кризата, тенкото парламентарно мнозинство и одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не прави кворум го прават нефункционално.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека размислува повторно во Собранието да примени една стара деловничка можност која ја употребуваа во пратеничкиот состав во 2017 година- формирање на повеќе пратенички групи. Во една пратеничка група, според собранискиот деловник, може да има најмалку пет пратеници, па пред четири години тие имаа десет пратенички групи, а сега најавуваат можност за формирање на осум.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мицевски- размислуваме за сите можности во Собранието

„Целокупниот однос на владејачкото мнозинство во Собранието и злоупотребата и различното толкување на деловникот не тера да размислуваме на сите можности. Законот кој би требало да дојде во Собранието за дигиталните учебници е едно, но да потсетам дека во Собранието имаше обид да помине и Законот за разузнавање со европско знаменце кој што нема никаква допирна точка со европското законодавство“, вели за Радио Слободна Европа координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Видете и ова: Политичка некултура, демагогија и популизам води кон радикализам

Инаку, со евентуалниот таков потег опозициската партија би добила дополнителна можност да ја одолговлекува работатата. Имено, според собранискиот деловник секоја пратеничка група може да бара пауза од еден час дневно, а претседателот на Собранието Талат Џафери мора да им дозволи. Тоа значи дека осум координатори би добиле по еден час пауза. Потоа на координација кај собранискиот претседател би оделе сите осум, а ќе добијат и повеќе време за говорење.

Џафери, пак, не кажа детали но минатата недела нагласи дека не постои законска можност за тоа.

“Не постои деловничка можност“, рече Џафери.

Мицевски вели дека Џафери не е во право и оти може да побараат и преиспитување на работата на собранискиот претседател.

„Односот на претседателот на Собранието не е според деловникот и тој не дозволува деловникот да се имплементира според начинот на кој е напишан. Толкувањето на деловникот во зависност од ситуацијата е една од причините поради која размислуваме да ги искористиме сите алатки што ги имаме како опозиција“, вели Мицевски.

Видете и ова: Мисајловски – Предвремени избори за надминување на кризата

Во меѓувреме, додека собраниската иднина е неизвесна, политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека немањето политички дијалог во законодавниот дом ја минимизира улогата на Собранието и дека ако така се продолжи можно е да влеземе во нова политичка криза.

„Мислам дека тука се работи за борба за превласт и дневно политички игри, а целата таа битка се води во исклучително тежок период, кој бара разум и конструктивност од сите политички чинители. Мислам дека и парламентарното мнозинство нема активна улога во воспоставување на нормален дијалог со опозицијата, кој е многу потребен бидејќи власта се потпира на тенко парламентарно мнозинство“, вели Незири.

Инаку претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела соопшти дека во Собранието се блокирани 28 закони од кои прецизираше дека ВМРО-ДПМНЕ блокираат шест закони, Алијанса за Албанците и Алтернатива 21, а Левица еден закон.