Не паничете, има доволно залихи, тврди министерот Бектеши

Скопје, 16 март 2020 година

Сите супермаректи и дистрибутери имат доволно залихи, посебно на основните производи. Нема место за паника. Ни останува да бидеме свесни и да се грижиме за здравјето на граѓаните, но и на вработените во маркетите, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши по денешниот работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети.

„Има гужви во маркетите. Ги повикувам граѓаните разумно да купуват, а маркетите да направат планови за да им излезат во пресрет на потрошувачите“, истакна Бектеши по состанокот во Министерството за економија, на кој беа и дистрибутерите на храна, како и директорот на Пазарниот инспекторат.

Владата на синоќешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.