Највисока оштета, можен импичмент, ватикански архиви...

МАКЕДОНИЈА - Осигурителната компанија Еуросиг ќе треба да исплати отштета од над 800 илјади евра за сообраќајката кај Ласкарци. Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија за осигурувањето Климе Попоски на прес-конференција рече дека за случајот најверојатно ќе биде исплатена максималната законски предвидената сума.

МАКЕДОНИЈА - Земјите од Западен Балкан треба да работат на решавање на меѓусоседските проблеми по примерот на Скопје и Атина, како и на унапредување на владеење на правото, слобода на медиумите и ангажирано граѓанство, порача идниот помошник државен секретар на САД Филип Рикер од Скопје.

САД - Комитетот за правни прашања на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ќе покрене истрага против претседателот Доналд Трамп и неговите соработници поради можна опструкција на правдата, корупција и злоупотреба на овластувањата.

РУСИЈА - Американски и руски генерали се сретнаа во Виена и разговараа за ситуацијата во Сирија, каде двете земји заедно со Иран и Турција се воено присутни.

ИРАН - Пет лица загинале откако се урнал хеликоптер кој се удрил во столб во западен Иран. Хеликоптерот бил на пат да земе бремена жена која имала потреба од итна медицинска нега.

ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА / ЗАПАДЕН БРЕГ - Израелските сили убиле двајца Палестинци, а еден бил повреден и приведен, соопштија властите. Палестинците со автомобил влетале во израелските сили на Западниот брег, при што повреден е еден војник и граничен полицаец.

ВЕНЕЦУЕЛА / ЕКВАДОР - Лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гваидо изјави дека се враќа во земјата и побара од неговите поддржувачи да ги продолжат протестите против оспорениот претседател Николас Мадуро.

ЕСТОНИА - Во Естонија опозициската либерална Реформска партија постигна победа над владејачката Централно-левичарска партија на премиерот Јуриј Ратас.

САД - Најмалку 23 лица, меѓу кои и деца загинале во торнадо кое ја погоди американската сојузна земја Алабама. Локалните власти соопштија дека торнадото предизвикало катастрофални штети на зградите и патиштата.

АВГАНИСТАН - Најмалку 32 лица загинаа во поплави во Авагнистан, соопштија властите. Во поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд оштетиле или уништиле повеќе од 2000 домови.

ВАТИКАН - Папата Франциско изјави дека Ватикан целосно ќе ги отвори тајните архиви од времето на папата Пие XII. Евреите со децении бараат отворање на тајните архиви, бидејќи го обвинуваат папата Пие XII кој ја предводеше црквата од 1939 до 1958 година дека отворено не зборувал за Холокаустот.