Од Костадинов и Вулин до Трамп и Лагерфилд...

МАКЕДОНИЈА - Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов, кој е и портпарол на владејачката партија, денеска најави дека неговата мајка, која е вработена во Централниот регистар во Струмица, ќе си даде оставка од работното место. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски претходно најави дека луѓето од власта кои се посочуваа за непотизам при вработувањето во државната администрација ќе се повлечат.

МАКЕДОНИЈА - Намалување на цените во роаминг услугите најавија министрите Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега Никос Папас на заедничката прес-конференција во Скопје. Ова е прва соработка на двете страни по потпишувањето на Договорот за името.

СРБИЈА - Скопје стана она што порано беше Будимпешта, центар на разузнавачки работи против Србија, место каде се обезбедува финансирање и поддршка за цинкароши од целиот регион, за политичари кои веруваат дека единствениот пат за да дојдат на власт е преку соработка со странците, изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин.

БЕЛГИЈА - Претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД Ненси Пелоси одржа прес-конференција во Брисел, каде што ја потврди поддршката на Конгресот за НАТО.

САД - Сојуз од 16 американски држави, предводен од Калифорнија, ја тужи администрацијата на претседателот Доналд Трамп поради неговата одлука да прогласи национална вонредна состојба за да добие средства за изградба на ѕид долж границата меѓу САД и Мексико.

КИНА - Кинеската влада го обвини Вашингтон дека и го блокира индустрискиот развој на Кина откако потпретседателот на САД Мајк Пнес изјави дека технолошкиот гигант Хауавеј и други кинески телекомуникациски фирми претставуваат закана по безбедноста.

ТУРЦИЈА - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу изјави дека во 2018 година во Турција, при обидот да заминат во ЕУ, биле запрени 268.000 мигранти кои немале уредни документи.

СИРИЈА - Повеќе од 300 екстремисти опколени во областа Багуз на истокот на Сирија одбиваат да им се предадат на курдските сили кои ја имаат поддршката на САД. Екстремистите кои се кријат меѓу цивилите во селото се обидуваат да издејствуваат преговори за заминување од областа.

ФРАНЦИЈА - Познатиот германски креатор Карл Лагерфелд, кој се смета за икона на модната индустрија во светот, почина на 85 годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврдил и извор од француската модна куќа Шанел.