Простување долгови, раскинување договори, договарање средби...

МАКЕДОНИЈА - Постои волја од Владата, ЕЛЕМ и ЕВН да избришеме долгови за струја во вкупен износ од 110 милиони евра на 200.000 граѓани и семејства, најави премиерот Зоран Заев.

МАКЕДОНИЈА - Судот одобри мерка притвор за осомничените поранешни министри за земјоделие Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и за поранешниот заменик министер Кристијан Делев за злоупотреба за службена должност. Спасеновски доби домашен притвор, а на Цветков и Делев им е одреден 30-дневен затворски притвор. Распитот на поранешниот министер Љупчо Димовски е одложен бидејќи се повикал на пратеничкиот имунитет. Сите се осомничени за бесплатно делење земјоделско земјиште со што го оштетиле бужетот за речиси еден и пол милион евра.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер во телефонски разговор ја констатирале историската важност на Договорот од Преспа, како за нашата земја, така и за регионот и Европа, соопшти владината прес-служба.

МАКЕДОНИЈА - Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Штип Илчо Захариев (на фотографијата со поранешниот премиер Никола Груевски) поднесе Финансиската полиција, поради оштета на државниот буџет во вредност од 420 илјади евра.

македонија - Македонија официјално ќе го потпише пристапниот Протокол за влез во НАТО в среда на 6 ти февруари, јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел цитирајќи извори од НАТО. На официјалната свеченост Протоколот ќе го потпише министерот за надворешни работи Никола Димитров, а земјите членки на алијансата ќе бидат претставувани од нивните амбасадори во НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Посветени сме да го продолжиме ова големо партнерство и заедно, ќе останеме решителни и транспарентни во нашите цели за одвраќање на конфликти и помагање да се обезбеди мир во Европа, изјавил командантот на силите на САД за ЕвропА генерал-потполковник Кристофер Каволи, кој е во прва официјална посета на Македонија.

САД - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, објави дека САД ќе го прекинат спроведувањето на Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ), објави агенцијата Ројтерс.

БЕЛГИЈА - Британија, Франција и Германија стартуваа трговски механизам за заобиколување на американските санкции против Иран. Потегот беше пофален од Техеран, но критикуван од Вашингтон.

САД - Големиот критичар на Доналд Трамп за имиграцијата и актуелен демократски сенатор Кори Букер, објави дека ќе побара номинација на Демократската партија за петседателски кандидат на изборите во 2020 година. Тој е четвртиот американски сенатор кој објави кандидатура за претседател на изборите, а според американските медиуми, неговата кандидатура била повеќе од очекувана.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека ќе го затвори својот профил на Фејбук затоа што не е повеќе претседател на ЦДУ. Канцеларката тоа го потврди и со видео на нејзиниот профил, но без да прецизира датум.

СЕВЕРНА КОРЕЈА / САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во наредната недела ќе ги соопшти датумот и местото на наредниот, втор состанок со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун.

РУСИЈА - Најстарата жена во Русија почина на возраст од 128 или 129 години во севернокавказката република Чеченија, изјави нејзиниот внук Илијас Абубакаров за руската новинска агенција ТАСС. Кока Истамбулова, родена во 1889 година беше во добра здравствена состојба со мали проблеми со крвниот притисок, додаде тој, наведувајќи дека таа, ненадејно се разболела, жалејќи се на проблеми со дижењето. Денот на нејзиното раѓање не бил заведен на документите, па затоа не се знае дали имала 128 или 129 години.