Од Столтенберг и Заев до Трамп и Кашоги

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, испрати возвратно писмо до министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, со кое го потврдува приемот на упатеното писмо од страна на министерот Димитров во кое е изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на Македонија во НАТО. Според соопштението од министерството за надворешни работи во писмото од Столтенберг се истакнува дека во подготовка е Пристапниот Протокол кој е предвидено наскоро да биде потпишан од страна на постојаните претставници на земјите членки на НАТО, за што ќе следи и покана до МНР Никола Димитров за присуство на церемонијата на потпишувањето на Протоколот.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за труд и социјална политика поднесе кривична пријава против непознат сторител откако во јавноста ја обелодени аферата во пензискиот систем. Според анализата и документите на министерството, во пензискиот фонд се направени неправилности при распределувањето на придонесите на 12 илјади граѓани, идни пензионери.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен повторно да воведе делумна блокада на владата или да прогласи вонредна состојба ако Конгресот на му одобри пари за ѕид на границата со Мексико, соопшти Белата куќа.

ФРАНЦИЈА - Околу 10.000 припадници на групата Црвени марами протестираа во Париз поради насилството и вандализмот на антивладините демонстрации на Жолтите елеци кои траат веќе 11 недели.

РУСИЈА - Повеќекратни закани за бомба предизвикаа масовна евакуација на илјадници луѓе од административни згради, болници и училишта низ Сибир, јавија локалните медиуми.

ВЕНЕЦУЕЛА - Лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гваидо кој се прогласи за привремен претседател на таа земја повторно ги повика припадниците на војската да му откажат послушност на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро (на фотографијата).

ТУРЦИЈА - Специјалната претставничка на ОН Агнес Каламард предводи тим кој ќе спроведе меѓународната истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Таа при нејзината еднонеделна посета на Турција ќе има серија средби со високи претставници на турската влада, како и со претставници на турското обвинителство. Првата средба со министерот за надворешни работи Мевљут Чавишоглу помина зад затворени врати.

АВГАНИСТАН - Договорена е рамка за мировен договор меѓу претставниците на САД и на милитантната група од Авганистан по петдневните разговори кои се водеа во Катар, објави Њујорк Тајмс повикувајќи се на изјава на специјалниот претставник на САД Залмај Калилзад. Според цитираната изјава, постигната е нацрт-рамка врз која ќе се изгради мировниот договор.