Од Ласкарци до Малезија

МАКЕДОНИЈА - Обвинителството поведе истражна постапка за шест лица за автобуската несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 15 граѓани. Приведени се седум лица, но за шестте е поведена истрага, додека за седмото лице се бара мерка за претпазливост. Меѓу осомничените е и возачот, за кој обвинителот Сашо Рајчев истакна дека возел со недозволена брзина односно со 99 км на час. Покрај неприлагодената брзина, според Обвинителството, друга причина за несреќата била неисправноста на сопирачките.

МАКЕДОНИЈА / САД - Во најновиот извештај на Стејт департментот за Македонија се препознава напредок во судскиот систем и медиумската сфера, но исто така се истакнува дека главни проблеми и натаму се корупцијата, ограничената независност на судската власт, но и поделеноста на медиумите.

МАКЕДОНИЈА - Никола Саздовски починал по силен удар, а не од пад или удар на асфалт или кутија, со оглед дека на телото не се констатирани никакви повреди од пад на тврда подлога, што е наведено и во претходните вештачења и искази пред овој суд, истакна вештакот во Кривичниот суд во Скопје на продолжението на судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски - Саздо.

САД - Соединетите Држави планираат во август да ги изведат првите тестирања на крстосувачки ракети, кои пред повеќе од 30 години беа забранети со Договорот за нуклеарно вооружување со среден дострел, тврдат неименувани претставници на американската одбрана.

МАЛЕЗИЈА - Малезиските власти наредија 111 училишта да бидат затворени бидејќи стотици луѓе се разболеа од труење со метан кога пред една недела нелегално беа фрлени хемикалии во реката.

ИРАН - Најмалку пет лица загинале при експлозија на гасовод во југозападниот дел на Иран, шест се повредени, а постојат стравувања дека бројот на жртвите ќе се зголеми, објави иранската новинска агенција Тасни.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека има огромен потенцијал за трговски договор помеѓу САД и Велика Британија, во време кога преговорите заБрегзит во Лондон се најдоа во ќорсокак.

СРБИЈА - Србија ќе воведе доживотен затвор со можност за условно пуштање после 25 години, изјави за Политика професорот Станко Бејатовиќ, кој е и претседател на Српското здружение за кривичнопоправна теорија и пракса и член на работната група за измени на Кривичниот закон.

ХРВАТСКА - Во близина на зградата во која се сместени редакциите на Н1 телевизија, Нет.хр и Телеграм во Загреб била пронајдена уште една заканувачка порака за новинарите, идентична на претходната најдена во неделата, објавија хрватските медиуми. Полициската управа во Загреб претходно соопшти дека во близина на истата зграда, во неделата беше напишан графит Смрт за новинарите. 

КАНАДА / САД - Американските власти наредија сите авиони од типот Боинг 737 Макс 8 и Боинг 737 Макс 9 да бидат приземјени. Наредбата ја потврди и претседател на САД, Доналд Трамп, објави телевизиската мрежа Си-Ен-Ен. И Канада ги приземји сите авиони од спорните модели. Канадскиот министер за транспорт, Марк Гарно изјави дека одлуката била донесена по добиените сателитски податоци кои укажуваат дека несреќата во Етиопија и онаа во Индонезија биле слични.