Грип, антикорупција, лажни вести, гладни деца...

МАКЕДОНИЈА - Институтот за јавно здравје информираше дека осум лица починале минатата недела како последица од сезонскиот грип,. Според ИЈЗ, шест од починатите се на возраст над 60 години, а меѓу починатите се и девојче на 12 години и жена на 26 години.

МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување на корупција отвори постапка за именувањата во Армијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, а против дваесет и четири декани на факултети, двајца директори и двајца заменици директори на државни институти е покрената прекршочна пријава за недоставување анкетен лист.

РУСИЈА - Руската Дума го одобри законот со кој ќе се блокираат интернет страници кои објавуваат лажни вести, навреди кон властите, кон националните симболи и кон општеството.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе биде многу разочаран доколку извештаите дека Северна Кореја гради станица за лансирање ракети се точни. Трамп ја даде изјавата една недела по средбата со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун на која не беше постигнат договор за нуклеарните и ракетни програми на Пјонгјанг.

БЕЛГИЈА - Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека политиката на проширување на ЕУ е приоритет, не само кога е Црна Гора во прашање, туку за целиот регион.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го отфрли барањето на официјален Вашингтон да не го купува рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400. Тоа е веќе завршена работа, вели тој.

РОМАНИЈА - Поранешната главна обвинителка во борбата против корупцијата во Романија, Лаура Ковеси, кој е и фаворит во трката за шеф на новоформираната канцеларија на ЕУ за борба против криминал присуствуваше на второто рочиште за обвиненијата против неа за злоупотреба на функцијата.

ПАКИСТАН - Пакистанските власти соопштија дека ја преземале контролата врз 182 религиски училишта и притвориле повеќе од 100 лица како дел од операцијата против исламските милитанти.

РУСИЈА - Претседателот на Русија Владимир Путин побара од Федералната служба за безбедност да ја зголеми заштитата на информациите поврзани со новите руски оружја. Во обраќањето пред претставници на таа разузнавачка служба која е наследничка на КГБ, Путин изјавил дека странските шпиони ја интензивирале активноста во Русија.

АВГАНИСТАН - Кандидат за претседателските избори во Авганистан и осум телохранители на друг кандидат се повредени во напад во западниот дел на Кабул за време на церемонијата во чест на истакнат шиитски лидер кој беше убиен од талибанците.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Обединетите нации соопштија дека околу 11 милиони луѓе во Северна Кореја страдаат од неухранетост и немаат доволно вода за пиење. Во извештајот на специјалниот известувач на ОН за Северна Кореја Тапан Мишра се наведува дека неухранетоста и се заканува на цела генерација на деца.