Минофрлачи на Криволак, родова нерамноправност во Би-Би-Си...

МАКЕДОНИЈА - Заедничка вежба на АРМ и американската армија се реализираше на армискиот полигон Криволак. Мајор Горан Шутевски, заменик командант на Вториот баталјон во Првата бригада на нашата армија, информираше дека тие учествуваат со две минофрлачки одделенија од 120 милиметри. Вежбата беше со боева муниција.

РОМАНИЈА - Парламентот на Романија на пленарна седница го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. На ратификацијата во Букурешт присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој имаше обраќање пред романските пратеници. Романија е седма земја членка на НАТО што го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за дел од медиумите изјави дека нема причина да се сомнева на наодите на Бирото за јавна безбедност за опасноста од бегство на Митко Чавков.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската комисија за родова рамноправност и човекови права започна истрага за тоа дали британската медиумска мрежа Би-Би-Си го прекршила законот со тоа што за истата работа жените ги плаќала помалку од мажите. Под сомневање за претходните исплати на плати, Комисијата објави дека ги разгледува жалбите на жените во таа медиумска мрежа за тоа дали биле платени помалку од колегите.

СРБИЈА / КОСОВО - Косово и Србија ги забранија летовите на боинг 737-макс 8 и 737-макс 9 над нивниот воздушен простор. Од двете земји наведоа дека причина за забраната е истрагата која се води во врска со опремата на овие типови на авиони.

ГРЦИЈА - Грција треба да продолжи со спроведување на недовршените економски реформи за да ги намали ризиците за заздравување, соопштија претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во првиот извештај откако земјата излезе од третата програма за помош. ММФ сега очекува грчката економија годинава да порасне со стапка од 2,4 отсто, а во 2020 со стапка од 2,2 отсто, со цел во следните години да дојде до забавување, пренесе Ројтерс.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шкотската полиција објави дека во лавина на највисоката планина во Велика Британија, Бен Невис, загинале тројца планинари, државјани на Швајцарија. Шкотската полиција наведе дека има и еден тешко повреден планинар, кој се наоѓа во болницата Квин Елизабет во Глазгов.