Мед и протести

МАКЕДОНИЈА / ТУРЦИЈА - Премиерот Оливер Спасовски во придружба на претседателот на СДСМ Зоран Заев и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски се сертнаа со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот документарен филм Медена земја е номиниран во две категории за филмската награда Оскар. Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е номиниран во категориите најдобар документарец и најдобар странски филм, објави американската академија.

САД / ГЕРМАНИЈА - Американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел разговарале за безбедноста на Блискиот Исток, Либија и други прашања, соопшти Белата куќа.

СЛОВАЧКА - Еден од осомничените за убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак во 2018 година, на судењето се изјасни за виновен. Поранешниот професионален војник, 37 годишниот Мирослав Марчек рече дека бил еден од двајцата кои ги убиле Куцијак и неговата свршеница Мартина Куснирова во нивниот дом во близина на главниот град Братислава.

ИРАН - Антивладините протести во Иран продолжуваат трет ден по ред поради револтот од начинот на кој иранските власти се справуваат со падот на украинскиот авион минатата недела кој беше урнат поради грешка на иранските воздушни сили.

ШПАНИЈА - Дваесет и двајцата членови на шпанскиот владин кабинет положија заклетва. Шпанскиот крал Фелипе Шести ја водеше кратката церемонија за инаугурација на кабинетот предводен од социјалистичкиот лидер Педро Санчес, во кој има партии од центарот до крајната левица.

РУСИЈА / ФРАНЦИЈА - Претседателите на Русија и на Франција Владимир Путин и Емануел Макрон разговарале телефонски за ситуација во Иран и ги повикале сите страни да покажат воздржаност, соопшти Кремљ.

ЛИБИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека разговорите за постигнување на прекин на огнот во Либија не биле успешни и покрај добриот напредок кој бил остварен.