Македонски истраги и сириски одбојкари

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, за кого разузнавачите од УБК - Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно и му ги давале нему, на сведочење во Кривичниот суд ги негираше нивните тврдења.

МАКЕДОНИЈА - Првоосомничениот во случајот Рекет, Бојан Јовановски, не дал исказ во обвинителството, оти како што тврди неговиот адвокат, веднаш му било дадено известие за завршена истрага без да може да ги види доказите. За 24 септември е најавено дека исказ ќе дава поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

МАКЕДОНИЈА - Работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои преговараат за законот за Јавно обвинителство, одржаа куса средба на која не беше постигнат договор.

МАКЕДОНИЈА / САД - Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев до сабота ќе престојува во Њујорк каде што ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации. Предвидена е средба со грчкиот премиер Мицотакис.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека нема да има напредок во разговорите за Брегзит со европските лидери во Њујорк, затоа што јазот меѓу двете страни останува, но рече дека е постигнат значителен напредок во постигнување договор, пренесоа новинските агенции.

САД / РУСИЈА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео треба в петок да се состане со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на маргите на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

АЛБАНИЈА - Поради лажна вест за наводен силен земјотрес, во Албанија се приведени двајца новинари. Лажната вест со наслов - Излезете надвор од дома, се предвидува силен земјотрес. Еве во колку часот, предизвикала невидена паника кај жителите на Тирана, Драч и Елбасан. Објавувањето лажни вести во Албанија се казнува со 5 години затвор.

ГРЦИЈА - Со топки и спортски торби во рацете и сите облечени во исти тренерки, 10 бегалци од Сирија, со украдени пасоши, се обиделе авионски да побегнат од Грција за да стигнат во Цирих, Швајцарија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Слетувањето на авион на компанијата Томас Кук во Велика Британија и официјално беше последниот лет на таа втора по големина, а најстара патничка компанија во светот. Преговорите кои траеја до рано изутринава за спас на Томас Кук пропаднаа, што значи дека компанијата оди во стечај, објавија британските медиуми и светските новински агенции.